Политичка бура во обвинителството: опозицијата по Савески, власта по Абази

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Случајот „Мазут“ и телефонскиот разговор меѓу премиерот Христијан Мицкоски и државниот јавен обвинител Ненад Савески отворија нова жестока политичка пресметка меѓу власта и опозицијата, при што двете страни меѓусебно се обвинуваат за контрола врз правосудството.

Додека СДСМ бара оставка од Савески поради, како што велат, „телефонски нарачки“ од премиерот, владејачката ВМРО-ДПМНЕ директно го нападна шефот на Обвинителството за организиран криминал Ислам Абази, обвинувајќи го дека го затворил случајот „Мазут“ во корист на СДСМ и ДУИ.

Во соопштение на ВМРО-ДПМНЕ се наведува дека „правдата во Македонија уште еднаш е ставена во служба на СДСМ и ДУИ“, при што партијата тврди дека правосудниот систем со години бил исполнуван со „партиски кадри и послушници“.

„Скандалозна е последната одлука на ЈО ГОКК, под раководство на соседот на Али Ахмети од Зајас, Ислам Абази, да ја стопира постапката за предметот за сторен криминал тежок 167 милиони евра, при набавка на мазут за ТЕЦ Неготино“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата обвинуваат дека Абази „не видел докази“ против поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски и Асмир Јахоски, додавајќи дека одлуката претставува доказ за влијанието што, според нив, сè уште го имаат Венко Филипче, Али Ахмети и Зоран Заев во обвинителството и судството.

„Наместо да биде обвинител кој ќе гони организиран криминал и корупција, Ислам Абази си ја препишал улогата на судија и дал согласност да се затвори случајот тежок 167 милиони евра, пред истиот да влезе во судска постапка“, стои во реакцијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ побараа Абази да поднесе оставка, оценувајќи дека со ваквото постапување го разградува правосудниот систем и ја урива довербата на граѓаните.

Во исто време, СДСМ жестоко го нападна Савески, откако Мицкоски јавно призна дека телефонски разговарал со него за случајот „Мазут“, иако предметот го води токму обвинителството на Абази.

„Премиерот и обвинителот си се договараат по телефон за предмети и тек на истрага. Мицкоски нарачува, а Савески испорачува“, соопшти СДСМ.

Од опозициската партија обвинуваат дека премиерот директно се меша во работата на обвинителството и дека со тоа дополнително се потврдува партизацијата на правосудниот систем.

„Слушнавме како Мицкоски дели задачи од собраниска говорница, слушнавме како елиминира независни обвинители од постапка на телевизија, а сега и по телефон дели задачи. Ете така изгледа партизираното судство и обвинителство во Македонија“, наведуваат од СДСМ.

Партијата потсети и на, како што велат, „непостапувањето“ на обвинителството по низа случаи и кривични пријави поврзани со актуелната власт, меѓу кои и пријавата против самиот Мицкоски, како и случаи поврзани со тендери и јавни набавки.

„Обвинителот Ненад Савески после овој скандал треба да си даде оставка. Поради сомнеж во независноста на обвинителството СДСМ не гласаше за него. Тоа тогаш и јавно го кажавме. Сега сите гледаат дека бевме во право“, велат од партијата.

Од СДСМ повторно ја актуализираа и идејата за европско обвинителство, оценувајќи дека само така правосудството во земјава може да ја врати довербата кај граѓаните.

Последните случувања отворија нова фронтална пресметка околу контролата врз обвинителството, при што власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат за политичко влијание врз истрагите и обвинителските одлуки. Во центарот на конфликтот сега се најдоа Савески и Абази – едниот обвинуван дека е под влијание на власта, другиот дека работи во интерес на поранешната власт.