И понатаму останува нејасно прашањето за законот за употреба на јазиците бидејќи првиот човек на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, најави можно укинување, или оставање на сила, но со одредени интервенции во Деловникот. Костадиновски извести дека судот ќе донесе образложена одлука и рече дека и оваа одлука може да предизвика незадоволство. Незадоволството излезе на површина иако има уште еден месец до одржувањето на седницата на Уставен суд. Не задирајте по албанскиот јазик беше првата реакција на Европскиот фронт. Оттаму додаваат дека овие теми ја враќаат земјава пред Охридскиот договор.
Запрашан за ова, првиот вицепремиер, Изет Меџити, рече дека иницијативата не е за укинување на законот, туку само за подобрување на одредени члена. Меџити не сака да се меша во работата на судиите, но вели дека внимателно ќе ја следат одлуката, со надеж дека тоа нема да создаде дестабилизација.
„Прво, не е дилемата да се укине албанскиот јазик, туку се работи за дилема, која беше отворена пред многу години во врска со некои членови од сегашниот закон. Прашуваме зошто овој Уставен суд со години го има предметот во фиока и сега го вади на површина кога знаеме дека Уставниот суд го сочинуваат експоненти на ДУИ и СДСМ? Тоа е една од целите. Во овој случај тие се подготвени да го жртвуваат дури и албанскиот јазик, само за да создадат дестабилизирачки ситуации и да излезат да протестираат на улица“, вели Изет Меџити.
А овие изјави на Меџити од ДУИ ги оценуваат како скандалозни и како обид за одбрана на изјавите на Костадиновски. Од ДУИ демантираат декасе мешаат во работата на судот, притоа потсетувајќи дека Костадиновски за судија е избран од поранешниот претседател Ѓорге Иванов, а за претседател е избран од актуелната власт.
„Демократската унија за интеграција смета дека се скандалозни и неприфатливи ставовите на експонентите на поразените на претседателските и на парламентарните избори, послушниците на ВМРО и непочитувачите на волјата на Албанците, против албанскиот јазик.Дарко Костадиновски е избран за член на Уставниот суд по предлог на ВМРО ДПМНЕ, поточно на поранешниот претседател Иванов, додека претседател стана во времето на оваа власт со моноетнички легитимитет.Скандалозно е оправдувањето од ВЛЕН и до нив блиските медиуми, за осакатувањето на службениот албански јазик и говори дека тие се продадени, но и дека го продаваат албанскиот народ за своите позиции“, велат од ДУИ
Од ДУИ сметат дека претпоставката за одлуката на Уставниот суд од страна на претседателот на судот е политички притисок врз судиите. Доколку се случи законот да се укине, тоа би бил следниот удар врз Охридскиот договор, етничкиот легитимитет, еднаквоста и меѓуетничките односи, велат од таму.
А во врска со овие тврдења на ДУИ реагираше Изет Меџити. Ако претседателот Костадиновски е од ВНМРО-ДПМНЕ, тогаш чии се другите шест членови на Уставен суд, прашува Меџити.
„Законот за албанскиот јазик го усвои коалицијата со ДУИ, токму од министерката за правда од редовите на СДСМ, беше испратен до Венецијанската комисија, значи самата ДУИ го испрати до Венецијанската комисија и ДУИ ги чекаше заклучоците на Венецијанската Комисија. Зошто овој предмет со години се чува во фиока во Уставниот суд и зошто ДУИ донесе закон кој е во спротивност со Уставот, тие се проблеми кои ДУИ треба да ги објасни“, вели Изет Меџити.
Инаку, друго прашање за кое се очекува Уставен суд да дебатира на 18 септември е балансерот.