Политички судир за рудникот во Крива Паланка: СДСМ обвинува, ВМРО-ДПМНЕ возвраќа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СДСМ ја обвини Владата предводена од Христијан Мицкоски дека во случајот со најавениот рудник за антимон во Крива Паланка не го става здравјето на граѓаните на прво место, туку, како што велат, фаворизира бизнис интереси.

Од партијата тврдат дека проектот не претставува државен интерес, туку договор поврзан со донатори блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Според СДСМ, концесионерот е фирма поврзана со партиски донатор, а во проектот учествуваат лица кои и претходно биле инволвирани на истиот локалитет.

СДСМ оценува дека се работи за мрежа на бизнис интереси прикриена како стратешки проект и бара одржување референдум во Крива Паланка, на кој граѓаните би се изјасниле за отворањето на рудникот. Воедно, повикаа локалните власти да ги слушнат жителите, наместо, како што наведуваат, политичките центри на моќ.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ возврати дека СДСМ и лидерот Венко Филипче се спротивставуваат на ставовите на локалната самоуправа во Крива Паланка.

Од партијата посочуваат дека градоначалникот смета оти проектот може да придонесе за економски развој на регионот, доколку се почитуваат сите еколошки стандарди. ВМРО-ДПМНЕ ја обвини СДСМ дека зазема негативен став без доволна основа и повика на конструктивен пристап кон инвестициите.

Според нив, политичките разлики не треба да бидат пречка за реализација на проекти од јавен интерес и развој на локалната економија.