СДСМ ја обвинува власта за институционален неуспех и бара одговорност за кризата со загадената вода во Гостивар. Портпаролката Богданка Кузеска изјави дека информациите биле скриени и дека одговорните функционери треба да понесат политичка и кривична одговорност.
Од опозицијата велат дека министерот за здравство Клековски најавил дека до крајот на неделата се очекува водата да биде безбедна за пиење, но прашуваат кој ќе потпише дека водата е исправна за пиење.
„Тие го загрозија здравјето на граѓаните, што е најважното. Не може да се отруе цел град, да има загадување на водата во уште седум населени места, во две реки, а никој од владата да не сноси одговорност. Целата влада, сите институции и сите механизми се во рацете на ВМРО-ОКГ и Мицкоски.“, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Од друга страна, Никола Мицевски од владејачката партија обвини дека во периодот кога СДСМ била на власт, а Венко Филипче бил министер за здравство, околу 400 анализи на вода покажале дека во некои градови граѓаните пиеле небезбедна вода.
„За ниту еден од овие случаи, но и за многу други случаи, јавноста не била информирана. Болниците биле полни, граѓаните очигледно не се чувствувале добро, но никој не знаел од што, додека власта тоа вешто го криела. За ова е известено Министерството за внатрешни работи и институциите ќе постапат, а документите ќе бидат доставени до Јавното обвинителство.“, изјави Никола Мицевски во ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија го повикаа Обвинителството веднаш да постапи за овој случај и да има одговорност.
