Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, учествуваше на Втората министерска средба за вода на Унијата за Медитеранот (UfM) во Рим, каде ја истакна потребата од силна регионална соработка во услови на сериозни климатски предизвици.
На собирот, кој ги обединува земјите од евро-медитеранскиот регион, тој нагласил дека сушите, поплавите и загадувањето бараат заедничка акција и координиран пристап во прекуграничните речни басени,бидејќи заедничката вода подразбира и заедничка одговорност.
Во обраќањето на собирот, Хоџа се осврнал на значењето на интегрираниот пристап кој го поврзува секторот за води со енергетиката, земјоделството и заштитата на животната средина. Притоа, тој посочил дека водните ресурси не можат да се третираат изолирано и дека современиот развој се потпира на дигитализација.
Преку процесот на евроинтеграции, националните политики посветено се усогласуваат со европските стандарди, со посебен акцент на подобрување на третманот на отпадните води и градење климатска отпорност. Во тие рамки, Хоџа нагласил дека остварувањето на овие цели бара значајни инвестиции, одржливо финансирање и силна мобилизација на домашните и меѓународните ресурси.
На крајот, Хоџа изразил целосна поддршка за министерската Декларација за вода и Римската иницијатива, порачувајќи дека постои целосна подготвеност за активно партнерство со сите земји од регионот, со цел стратешките обврски да се претворат во конкретни проекти за одржлива иднина – соопштија од Министерството за животна средина и просторно планирање.
