Фирмата што гради на земјиштето каде што во февруари 2023 година беа пронајдени илирските гробишта, меѓу кои и плочи со натпис „Дарданус“, е ДОО „Голден Арт“ увоз-извоз од Скопје. Оваа информација за ТВ21 ја потврдија од општина Карпош, под чии надлежности спаѓа оваа парцела.
„Градежната фирма која ќе гради е ДОО увоз-извоз Голден Арт – Скопје. Со одлука на Советот донесено е одобрение за градба за намена на големи трговски единици. На оваа локација донесен е ДУП за градска четврт СС3 02, Блок 06 Општина Карпош -Скопје. Одлуката со бр.09-6334/4 е донесена од 16.09.2021 година. Истата има одобрение за градба со позитивно мислење“, велат од општина Карпош.
Од ова се разбира дека градежната дозвола е дадена 2 години пред откривањето на плочата со натпис „Дарданус“, но и откако многу стручњаци од областа на археологијата и историјата реагираа и оценија дека областа е од особено историско значење, политиката се покажа немоќна да ја запре изградбата на зградата таму.
Во 2023 година и власта и тогашната опозиција имаа свои реакции за ова, но тогаш не презедоа ништо за да се запре изградбата и да се зачува просторот. Работите продолжија и сега по повеќе од една година, како што вчера објави ТВ21, зградата е висока неколку ката и работите продолжуваат.
Иако вчера од Министерството за Култура ни рекоа дека денеска ќе одговорат на нашите прашања, ниту денеска не добивме одговор зошто е дозволено да се работи на овој простор, што презело Министерството за култура да го заштити и дали оценуваат дека е оштетен простор со археолошка и историска вредност на Македонија?
Во недостиг на одговори од надлежната институција, прашања упативме до владината коалиција ВРЕДИ, од каде пратеникот Салим Сулејмани за ТВ21 изјави дека имаат принципиелен став дека сите археолошки локалитети треба да се третираат според највисоките стандарди за конзервација.
„За конкретниот случај, со оглед на фактот дека се работи за приватна сопственост, ќе ги преземеме сите потребни дејствија за зачувување на артефактите пронајдени на таа локација, строго почитувајќи го законот со кој се принудува да се прекине секоја градежна активност“, вели Салим Сулејмани.
Како ќе се стопира секоја градежна активност, останува да видиме, бидејќи досега институциите не презеле ништо во оваа насока.