Сите оние затворски полицајци кои овозможуваат достапност на телефони и други опасни средства за затворениците ќе бидат фатени и строго санкционирани, најави директорот на Управата за спроведување санкции Александар Пандов. Во затворските единици интензивно се вршат инспекции по случајот со Васил Јованов кој на „Партизанска“ ја прегази Фросина Кулакова а кој само два дена по притворот се снабдил со телефон. Во првата инспекција во притворскиот дел во Шутка биле пронајдени 70 телефони, при повторна проверка по два дена најдени се 30 телефони а вчера повторно во Шутка во друго одделение се најдени над 30 телефони. Пандов вели дека отвора војна со сите оние корумпирани полицајци кои го срамат затворскиот систем и кои не треба а носат униформи.
–Оваа борба против таквите затворски полицајци со прљави значки нема да попуштам. Сите тие треба да знаат дека порано или подоцна ќе бидат фатени, ќе бидат откриени и не само што ќе бидат дисциплински избркани од работа туку тие ќе имаат пријави соодветни во Обвинителство и ќе бидат процесуирани и јас се надевам дека ќе бидат казнети, изјави директорот на управата за спроведување санкции, Александар Пандов.
Пандов информираше и дека со Фондот за здравствено осигурување постигнале договор за осудениците да имаат здравствено осигурување. Управата досега се соочувала со огромни сметки од Клиниките кога се упатуваа затворениците на болничко лекување.
-Да го надминеме овој проблем и да нашите осудени лица по затворите кога ќе бидат спроведени во некоја здравствена установа, и сега беа лекувани, но да бидат осигурени и да имаат здравствено осигурување со кое што ние подоцна нема како Управа да добиваме фактури од, дали е Клиника дали е некој здравствен дом, изјави директорот на управата за спроведување санкции, Александар Пандов.
И досега било уплатувано здравствено осигурување во Фондот но не било регистрирано на кои лица се води тоа. Директорот на Фондот Сашо Клековски вели дека сега тоа ќе биде дигитализирано.
-Во основа ја дигитализиравме постапката, затворите нема да имаат потреба да одат на шалтери во подрачни служби и да прават пријави и одјави на затворениците, а Управата ќе добие увид во базата во фондот за колку пријавени затвореници треба да платат здравствено осигурување, изјави Сашо Клековски, директор на ФЗО.
Од Управата бараат по затворите да се прошират болничките амбуланти и да се вработат повеќе доктори, но за сега се уште не е утврден методот по кој ќе се стимулираат тие да ја прифатат работата во овие установи.
