Полицијата трага по трет осомничен за пукањето на фестивал во Сиетл, во кое загинаа три лица

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американската полиција соопшти дека најмалку тројца вооружени напаѓачи учествувале во престрелката на фестивалот на храна „Bite of Seattle“, во близина на кулата „Спејс Нидл“ во Сиетл, при што загинаа три лица, а четворица беа повредени.

Според истражителите, меѓу осомничените се 15-годишник, кој е уапсен, и едно лице кое загинало на местото на настанот, додека полицијата интензивно трага по трет напаѓач. Документите доставени до судот наведуваат дека дошло до вооружена престрелка меѓу осомничените и најмалку уште едно непознато лице.

Во пукањето загинаа двајца мажи на возраст од 19 и 44 години и 56-годишна жена. Повредени се четири лица, меѓу кои и двегодишно момче, кое е во стабилна состојба.

Инцидентот се случил во неделата вечерта, во завршните часови на традиционалниот тридневен фестивал, кој секоја година привлекува околу 350.000 посетители. По избувнувањето на престрелката, посетителите панично бегале, а десетици полицајци го евакуирале просторот.

Полицијата продолжува со истрагата за мотивите и околностите на нападот, додека во Сиетл е најавено бдение во чест на жртвите.