Се уште не е започнато санирањето на дупките нешто што пред неколку дена го најави општина Тетово.
Доаѓањето на иселениците уште повеќе го отежнува сообраќајот во градот, додека лошите патишта го забавуваат движењето. Една од овие улици е „Мирче Ацев“. Жителите и случајните минувачи кои ги сретнавме се жалат дека им се оштетуваат автомобилите.
„На „Мирче Ацев“ моментално е катастрофа, се гледаат дупките, бунарот овде излегува метар кога врне, не знам друго што да кажам, ги гледаат самите улиците“.
„Катастрофа! Не ги гледаш дупките, како метеор да паднал?!
– Дали ви ја оштетија колата?
„Не го оштети автомобилот, туку го уништи“.
„Како што гледате, ова е катастрофа, полошо е можеби во Бангладеш, автомобилите, ги гледате автомобилите што се на сервис“.
„Во моментов е катастрофа, ние со автошколата секој ден треба да поминеме од тука и нема промена“.
На прашањето зошто се уште не е почнато санирањето, општина Тетово прстот го вперува во бирократските процедури на Секторот за внатрешни работи.
„Договорната компанија има добиено налог да ги започне работите и од денеска мора да започне со пополнување на дупките низ улиците на градот Тетово, бидејќи до сега беше потребно да се завршат бирократските процедури кои го опфаќаат сообраќајниот проект и согласноста од СВР Тетово, како и дозвола од Секторот за општински дејности. Планирано е целосно асфалтирање на улицата „Мирче Ацев“ и веќе имаме потпишано договор со компанијата. Работите за истата ќе започнат веднаш по завршувањето на работите на улиците „Страшо Пинџур“ и „Никола Тесла“, велат од општина Тетово.
Од Секторот за внатрешни работи Тетово велат дека Општината ја добила согласноста за работа пред 10 дена
„Категорично ги демантираме тврдењата на Општина Тетово за таканаречените бирократски процедури на нејзините служби, бидејќи одговорот на барањето е подготвен и доставен до општината во најкус можен рок. Оттука, општина Тетово не треба да ја префрла вината за задоцнетиот почеток на планираните активности на СВР Тетово, туку тоа да го бара во неефикасноста на надлежните општински служби“, вели СВР Тетово.
Од СВР посочуваат дека Општината барањето го испратила на 1 јули, додека одговорот го добиле на 5 јули. Веста за поправка на улиците во Тетово градоначалникот на општината ја соопшти пред две недели, но од тој ден до сега не е пополнета ниту една дупка.
