Поради одлуката на Советот на општина Брвеница – на нејзина територија да не се гради регионален центар за третирање кучиња скитници, според градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, општините од Полошкиот регион изгубиле проект на УНДП. Затоа, сега треба да изнајдеме друга локација, вели Касами.
„Проектот има временска рамка како што спомнавте и нема да може да се реализира. Истовремено ние ќе продолжиме да преговараме не само со општина Брвеница, туку и со другите општини за да се изнајде соодветна локација и да аплицираме во други фондови за реализација на овој проект“, вели Биљал Касами.
Но, каков план има општина Тетово по неуспехот на овој регионален проект? Касами вели дека се при крај на склучување договор со здружението АМОС.
„Општина Тетово веќе има план Б кој е во процес на реализација. Се водат финалните консултации за формата на спроведување на постапката за згрижување кучиња скитници преку здружението АМОС, од кое имаме согласност. Сега ги разгледуваме правните форми околу тоа како да се склучи договорот“, додава Биљал Касами.
Потсетуваме дека градоначалникот Касами уште од февруари знаеше дека општина Брвеница нема да прифати на нејзина територија да се гради стационар и вети решение за еден и два месеца.
„За жал локацијата што ја одредивме во општина Брвеница, актуелниот градоначалник не е подготвен на територијата на неговата општина да се гради центар за кучиња скитници, што значи дека на наредниот состанок ќе треба да изнајдеме алтернативни решенија“, додава Биљал Касами.
Во Тетово веќе седум месеци никој не се занимава со третирање на кучињата скитници. Средствата што ги издвојува општината за оваа намена се трошат за 6 месеци. Во Тетово честопати граѓаните се мета на напад од кучиња. Пред суд веќе почнаа судски постапки против општината поради каснување од кучиња, а има и граѓани кои сѐ уште чекаат надомест на штета.
