Поминаа шест месеци, а коалицијата „Вреди“ не го исполни ветувањето за уставни измени и деблокада на евроинтеграцијата, обвинуваат опозициските партии. Според ДУИ, „Вреди“ манипулира и истечен е рокот од шест месеци по кој најавија дека ќе го преиспитаат нивното учество во Владата.
„Без конкретен напредок, без храбра акција – само молк и изговори од коалицијата која целокупното политичко постоење го изгради на манипулации и измами. Порачаа дека нема да формираат Влада без уставни измени! Документ за ова потпишаа и пред изборите. Потоа ветија и дека по изборите во ЕУ и Бугарија ќе ги направат уставните измени.“, вели Рина Ајдари.
Оставка и превремени парламентарни избори побараа и од Алијанса за Албанците, од крилото нза Зијадин Села.
„Покрај нивниот авторитет кој е паднат на најниско ниво, со нивниот понатамошен престој во Владата, ВРЕДИ го загрозува достоинството и иднината на граѓаните и само го одржува во живот антиалбанскиот и антиевропскиот проект на нивните господари. Бидете одговорни еднаш, држете го барем ова ветување и искористете ја последната шанса да го зачувате лицето само еднаш!“, вели АА.
Министерот Арбен Таравари кажа дека претседателите на партиите од „Вреди“ треба да седнат и да направат стратегија како понатаму.
„По се изгледа нема да има уставни промени оваа година, односно да зпоачнат уставните промени, инаку нема да се случат зашто треба околу три месеци… Ние како партија од „Вреди“ кажавме дека еден од нашите први услови беше што поскоро да започнат преговорите и да започнеме преговори со Европската Унија. Меѓутоа, гледаме околностите не носат по тоа што во Бугарија немаме влада се уште.“, порача Арбен Таравари.
Според Таравари, ВМРО-ДПМНЕ со право не се согласува да се отвори Уставот без гаранции, поради можни нови блокади во иднина.