Нема точни податоци колку лица останаа без работа поради пандемијата на коронавирус. Од Министерството за труд и социјална политика велат дека има пријави кај нив кои аплицираат за минимална помош.
„Конкретно на лицата кои останале без работа или бил дел од неформалната економија им овозможуваме влез во системот за социјална заштита. Преку остварувањето на правото на гарантирана социјална помош“, истакна Ѓонул Бајрактар.
Висината на помошта ќе се утврдува откако ќе се соберат сите приходи на семејството во претходниот месец по сите основи, а не како досега последните три. Мерката ќе трае само во април и мај.
Заменик-министерот информира дека предвидена е уште една мерка за поддршка на постоечките корисници во системот на социјална заштита и најави дека тие ќе добијат дополнителен енергетски додаток од 1 000 денари за април и мај.
„Целта која нема алтернатива е домаќинствата во ризик да ги пребродат тешкотиите за да имаат можност кога работните процеси ќе се нормализираат и тие да бидат во состојба да се вклучат во активните програми на пазарот на трудот“, додава Бајрактар.
Иако наставата е во прекин, основците и средношколците ќе продолжат да добиваат образовен додаток. Секој поединец заслужува еднаква грижа, а приоритет секогаш се децата, бидејќи тие се најранливи на сите овие стресови за време на кризните ситуации, заклучи дополнителната заменик министерка.
„Целта е да се олесни пристапот на семејствата без приходи. Околу 17.000 деца ќе добијат право на образовен додаток, 700 денари за децата од основно образование и 1000 денари за децата од средно образование“, додава Санела Шкријељ.
Се разгелдуваат и можности за 239 бездомни лица кои се на отворено и за време на полицискиот час. Од Министерството додаваат дека се во координација со МВР за обезбедување на сместување, храна и здравствена заштита.
