Помошта на загрозените категории граѓани нема да оди преку платежни картички туку директно на нивните трансакциски сметки. Ова денеска го соопшти министерот за финансии Фатмир Бесими кој рече дека ваквата одлука е во насока да се намалат гужвите пред банките во услови кога треба да се придонесе за грижата на здравјето на граѓаните поради корона вирусот. Но за тоа како ќе се води контрола дали се трошат пари за домашни производи Бесими рече дека банките имаат софтвер за тоа.
„Со оглед на последната динамика Ковид односно вториот бран што го имаме во позначителен број, најреално и наједноставно беше да се оди, наместо со платежни картички да се оди со директно префрлање на средствата на трансакциска сметка. Дополнително ќе се намалат трошоци кои претходно државата не ги плаќаше за издавање на кредитни картички, сега во оваа фаза ќе требаше дополнителен трошок за тој износ на картички“, посочи Фатмир Бесими.
Директорката на УЈП Сања Лукаревска рече дека фирмите имаат рок до 10 овој месец да поднесат барање за финансиска помош за исплата на плати од четвртиот пакет мерки. Во врска со компаниите кои не ја исплатиле помошта на вработените Лукаревска рече дека нивните сметки се блокирани а средствата се повлечени.
„За сите компании кои што не исплатија државна помош на своите вработени а имаат земено, значи, бидејќи постојано се апдејтираше онаа листа која што по самиот повик и по јавната објава дел од компаниите ја исплатија платата на своите вработени од страна на УЈП спроведена беше блокада на сметката на компаниите“, вели Сања Лукаревска.
На денешната прес конференција беше информирано и дека наредната недела на сметките на граѓаните ќе бидат префрлени парите од викендот без ДДВ. Собранието вчера изгласа закони со кои дел од 4 пакет мерки тежок над 470 милиони евра , можат да почнат да се реализираат.
