Ќе се поништат три дозволи за организирање на онлајн обложување, додека трговските друштва ќе се затворат, тврди првиот вицепремиер Изет Меџити. Според него, оваа одлука доаѓа по автентичното толкување на законот за игри на среќа од страна на законодавната комисија и по потврдувањето од страна на Собранието на барањето на коалицијата ВРЕДИ за автентично толкување. Меџити најави дека ќе одговараат оние кои незаконски дозволиле отворање на овие трговски друштва.
„За ова е автентичното мислење кое докажа дека законот се однесува само на лиценците, бидејќи нема логика државната компанија да се натпреварува со себе, да биде и овде и кај другите. Важно е што во Собранието беше потврдено со автентично толкување дека е постапено незаконски. Од денеска тие се затворени и тие што го прекршиле законот мора да одговараат“, вели Изет Меџити.
Автентичното толкување важи само за онлајн казина. За објектите во населбите, владиното мнозинство подготвува предлог-закон за нивно отстранување од населените места и намалување на нивниот број за најмалку 50%.
„Одлуката со автентичното толкување е за онлајн казината. Казиното всушност е внесено во нашите домови. Младите станаа плен на коцкање и девијантни појави. Овој предмет денеска е затворен, односно овие три лиценци се поништени. Се работи на нацртот на новиот закон што мора да го донесе Владата и кој ќе има многу поригорозни норми и ќе затвори голем број обложувалници и казина кои се во нашите маала и населби“, вели Изет Меџити.
Инаку, за коалицијата ВРЕДИ спорен е член 7 став 3 од законот за игри на среќа. Овој член, според ВРЕДИ, и овозможува на Државната лотарија да основа неограничени трговски друштва за приредување игри на среќа. Од друга страна, Алијансата за Албанците во Собранието поднесе предлог закон за затворање на игрите на среќа, додека откако ВРЕДИ побара автентично толкување, овој предлог на АА го поддржаа и партнерите на Европскиот фронт. Но, нивниот предлог закон пред неколку дена беше отфрлен во Собранието, односно беше тргнат од дневен ред.
