Пописот тече нормално – Симовски: Оние кои одбиваат да се попишат, ги убедуваме

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

И покрај тоа што на самиот старт имаше неколкудневни проблеми и прекини во процесот на попишувањето, првиот човек на Статистика Апостол Симовски вели дека пописот се одвива во најдобар ред и без никакви застои. Но што со оние граѓани што одбиваат да се попишат, Симовски вели се трудиме да ги убедиме, без да има казни.

„Таму каде што имаме првично одбивање, одиме повторно и разговараме со тие лица. Оди нашиот државен инструктор оди член на пописната комисија и досега најчестата пракса е тие луѓе да се убедат и да се попишат. Не применуваме никакви санкции се уште и се надеваме дека тоа нема да се случи до крајот на попишувањето односно дека ќе успееме овие луѓе да ги убедиме дека онаа пропаганда против спроведувањето на пописот се дезинформации и целта е сосема друга.“, рече Симовски.

Но што со оние случаи кога во едно домаќинство не е присутно лице и дали за него може да даде податоци некој од семејството.

„Не можеме да очекуваме дека сите од домаќинствата се дома. Меѓутоа, попишување без документ не може да има. Значи клучот за некое лице да биде попишано е матичниот број. Така што без документ – не. Таму каде што недостасува некој член на домаќинството се договара кога тоа ќе биде присутно што не значи дека останатите исто така не треба да бидат попишани во тој ден туку да се чека другиот ден.“, изјави Симовски.

Од почетокот на пописот па досега попишани се над 512 илјади лица, а само во текот на вчерашниот ден над 93 илјади лица. Симовски оценува дека процесот на попишување е на задоволително ниво и дека до 30 септември кога и завршува пописот ќе биде објавено дека конечно успешно е завршена најголемата статистичка операција. Македонија е една од ретките земји која немаше спроведено попис цели 20 години.