Поплави во Теарце по обилните врнежи – Тетово помина без големи штети

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Намерното затворање и неодговорноста околу каналите за наводнување скапо ги чинеа жителите на Нераште во Општина Теарце. Обилните дождови ги поплавија улиците, а на еден жител му се урнал ѕидот покрај куќата.

„Гледате и самите, голема среќа е што не се урна и куќата, бидејќи водата се потпре на куќата и застана тука. Штетите се видливи. Багерот пристигна брзо и го расчисти просторот за да не се направи поголема штета, бидејќи можеше да ја урне куќата. Повторно треба да се изгради поефикасен ѕид и да не доаѓа вода од каналите. Јас не сакав да го направам, но мора да се направи, бидејќи водата вообичаено не доаѓа од каналите, туку сега дојде од дождот“, вели жител.

Градоначалникот на Теарце, Даут Мемиши, изјави дека досега нема официјални пријави за штети од граѓаните. Според него, општинските екипи и пожарникарите веднаш по невремето ги санирале оштетените патишта, но нагласува дека проблемите произлегуваат и од самите жители кои ги затвораат отворените канали во подножјето на Шар Планина.

„Меѓутоа, треба да се истакне и една работа – Општина Теарце се наоѓа во подножјето на Шар Планина и при обилни врнежи, ги имаме сите села со отворени атмосферски канали. За жал, во некои села тие се затворени со образложение дека патиштата треба да бидат пошироки, но гледате дека при големи врнежи тие не можат да ја издржат таа количина вода и затоа доаѓа до поплави“, изјави Даут Мемиши, градоначалник на општина Теарце.

За разлика од Теарце, во Тетово ситуацијата беше под контрола и без поголеми материјални штети. Од Јавното комунално претпријатие „Шар“ велат дека континуираното чистење на фекалната и атмосферската канализациска мрежа во последните две години дало резултати, при што критичните точки брзо се менаџираат.

„Исто така, како што започнавме пред две години со чистење на целиот град, фекалната и атмосферската канализација, и денес продолжуваме на истите точки каде што се главните цевки низ кои поминува целата канализација. Ги чистиме и ги испираме, за при обилни дождови да не се соочуваме со проблеми како порано“, изјави Валон Зеќири од ЈКП „Шар“ Тетово.

Најпроблематични остануваат подвозниците во населбата Дарданија. Сепак, благодарение на брзата интервенција на противпожарната единица, насобраната вода е отстранета и двата подвозника во моментов се целосно проодни за граѓаните.