Поради Косово Пендаровски ја налути Србија – Вулин: „Нека молчи на јазикот кој никој не му го признава“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

„Претседателот Пендаровски смета дека решенијата што би довеле до корекција на границите и размена на земја и луѓе, би можеле да имаат неповолно влијание во регионот и да предизвикаат штетен ефект врз сеопфатните напори вложени во пост-конфликтниот период за закрепнување на регионот и градење стабилни мултиетнички општества“.

Овој став, изнесен за приштинска „Газета Експрес“ ја налути соседна Србија. Прво остра реакција од министерот за одбрана Александар Вулин.

„Претседателот на Северна Македонија, може слободно да молчи на јазикот кој никој не му го признава, освен Србија, а на останатите јазици може посилно да молчи, бидејќи никој ниту му бара, ниту му прифаќа мислење“, истакна Александар Вулин.

ТВ21 контактираше со кабинетот на Пендаровски и побара од претседателот коментар за ставот на Вулин кој го пренесе националната РТС. Но, од таму кусо одговорија.

„Претседателот Пендаровски смета дека тој став, не заслужува коментар“, посочуваат од Кабинетот на Пендаровски.

По, министерот Вулин, со реакција се јави и претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Тој вели дека го молел Пендаровски на инаугурацијата, да не се изјаснува за односите помеѓу Белград и Приштина. Воедно Вучиќ вели дека на овој начин Скопје се додворува на Германија, како најмоќна земја во ЕУ.

„Единствената работа за која го молев е, обрнете внимание, како Господ ве молам. Веќе направивте нешто, за што многу земји поинаку ќе го набљудуваа, а тоа е признавањето на независноста на Косово. Гледајте на тие теми на не зборувате. Како Господ ве молиме, не е тоа ваша работа, немојте за тоа да зборувате“, порача Александар Вучиќ.

Од „Газета експрес“ од Пендаровски беше побаран став за ова прашање, а по интервјуто на шефот на Европската дипломатија, Жозеп Борел, кој порача дека е апсолутно против таквата идеја за размена на територии. Меѓудургото во ставот од кабинетот на Пендаровски за приштинскиот портал се вели дека тој целосно ги подржува напорите на американските сојузници и парнерите на ЕУ за решавање на ова прашање, но и верува дека е во интерес на целиот Западен балкан ова прашање да биде затворено. Според, кабинетот на претседателот, нашата држава би дала поддршка на постигнато решение меѓу Косово и Србија, кое има цврсти меѓународни гаранции.