Туристичката индустрија поради конфликтот на Блискиот исток е во тотална неизвесност поради недостатокот и двојно зголемената цена на керозинот и не се знае што ќе се случува. Ќе има поскапи авиобилети, откажани летови, но и поскапи туристички аранжмани – истакнаа гостите во емисијата Бизнис 21 која беше посветена на неизвесноста во туризмот поради конфликтот на Блискиот исток.
„Керозинот е многу поскапен, дупло на пример, беше 900 долари за тон керозин, сега е 2.000 долари. И сега ќе направи тоа, сакал неќел, проблем на авиоиндустријата. Јас се плашам дека во наредниот период од 50 до 70 евра секоја авионска карта купена, веќе ќе се поскапи. Ова јас го тврдам на мои претпоставки, мои претпоставки, сега сведоци сме вчера „Луфханза“ откажа 20.000 летови и многу други авиокомпании каде што немаат економска оправданост ќе ги откажат летовите“, рече Аркан Керим од Туристичко-угостителската комора при ССКМ.
Керим вели засега нема откажани аранжмани, а ни летови од Скопскиот и Охридскиот аеродром, но не се знае што ќе се случува бидејќи работите секојдневно се менуваат како на лента.
Од туристичките агенции велат дека освен првиот бран, кога биле откажани аранжманите за Дубаи и на граѓаните им биле рефундирани парите, сега состојбата е стабилизирана.
„На веќе уплатените аранжмани нема покачување на цените, заради тоа и продолживме одредена early booking период во кој што ќе се задржи тенденцијата на старите цени. Истото важи нели за Анталија, Бодрум, Египет, Тунис, Грција, кои што ќе бидат, во кои што рамки ќе бидат заштитени граѓаните. Максималната корекција во наредниот период би била 5 до 10 евра, не повеќе од чартер лет“, изјави Конеска.
Експертите потенцираат дека Македонија може да има и придобивки од кризата и прелевањето на патниците кон други дестинации, бидејќи има што да им понудиме.
„Самиот конфликт направи цената на керозинот да расте. Пресметките кажуваат дека околу 20 до 30 проценти се оперативен трошок нели на авиокомпаниите, што предизвикува да имаат 15 до 30 проценти пак зголемување на авиобилетите. Но фактот дека туристот ќе патува, ќе патува. Тоа е она што тука ние треба да го искористиме“, изјави универзитетската професорка Тарјана Бошков.
Дополнителен проблем е и новиот систем за влез и излез од ЕУ, кој создаде гужви на границите, поради биометриската контрола. Редици патници беа заглавени за празниците на границите со Грција.
Керим: По некои сценарија, најдобри сценарија, 10 до 12 часа би бил тој проток, зборам кога е смената на турите, петок, сабота, недела
ТВ21: 10 до 12 часа чекање на граница?
Керим: Тоа ќе биде добро сценарио.
Тоа 40-50.000 луѓе, тоа се 10.000 возила одеднашка. Ај тука да ги ставиме автобусите, да ги ставиме српските туристи, да ги ставиме косовските туристи, кога ќе се собере таа гужва, секој треба да искочи од кола, да се слика, да стави отисок. И на враќање исто така.
Комората веќе побара од грчките власти македонските патници за време на летната сезона да бидат изземени од биометриската контрола и очекува позитивен одговор.
