Поради муниција Штип бара гасење пожари од воздух – ЕУ го активираше механизмот на цивилна заштита

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Големиот пожар кој вчеравечер му се закануваше на Радовиш е ставен под целосна контрола, информираше Центарот за управување со кризи.

Воедно и од кризниот штаб кој го формираше Општина Битола истакнаа дека успешно се справуваат со огнената стихија. Сепак, во моментов штипјани бараат поддршка во гаснење на пожари од воздух, за местата Драгоево, Селце и на планината Серта.

„Излезена е војска, од 40 до 60 војници и имаме излезено со Територијалната противпожарна единица две возила, една цистерна и еден џип, со осум пожарникари. Состојбата се следи, бидејќи на воениот полигон ризично е за дејствување, имаме неиспукана муниција. Само ја следиме состојбата и чекаме од воздух поддршка.“, вели Благој Ренџов.

„Она што ние го имаме како план е да се насочи и да се контролира огнот и пожарот којшто на овие локации веќе неколку денови е активен. Се надевам дека со најавената поддршка од соседните држави и од воздух дека ќе се справиме со овој предизвик.“, вели Иван Јорданов.

За состојбата со пожарите во земјава реагираше опозицијата. Од СДСМ обвинија дека Владата ја игнорирала состојбата, која сега прераснала во еколошка катастрофа. Според нив, предоцна била прогласена кризна состојба, а претседателката Гордана Силјановска Давкова многу чекала за да стави потпис на одлуката.

„Пожарот во неготинско започна на 9-ти јули во 11 часот. До 13-ти јули на полноќ, односно цели четири и пол дена откако СДСМ реагираше, заедно со граѓаните, дека состојбата е алармантна, не беше прогласена вонредна или кризна состојба. Со тоа директно се оневозможува барање на помош од странство.“, вели Миле Талевски

„7 години двата авиони за гаснење на пожари беа вон функција и без пилоти, тоа ВМРО-ДПМНЕ го промени. 7 години СДС не инвестираше во возила за гаснење на пожари и во технички средства... ВМРО-ДПМНЕ сега од ништо прави нешто, ја крева државата од пепелта во која ја оставија СДС“, вели ВМРО-ДПМНЕ.

Поради итните барања за помош во борбата против шумските пожари на Македонија и Бугарија, Европската Унија го активираше Механизмот за цивилна заштита, преку кој во земјава веќе гаснат пожари два турски ер-трактора и еден турски хеликоптер, еден хеликоптер од Србија, пристигнуваат два хеликоптера од Словенија, еден авион на шумската флота од Хрватска и еден хеликоптер од Црна Гора.