Зеленски со декрет воведе санкции за „Маша и Медо“ поради ширење руска пропаганда

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 20 август потпиша указ со кој се воведуваат санкции против неколку руски физички и правни лица поврзани со создавањето и дистрибуцијата на анимираната серија „Маша и Медо“.

Од Кабинетот на претседателот на Украина наведуваат дека санкциите се однесуваат на пет руски лица и четири организации кои се поврзани со создавањето и дистрибуцијата на серијата. Според украинските власти, преку детска содржина се промовираат проруски наративи, што претставува закана за националната безбедност на Украина.

Мерките го опфаќаат студиото „Анимакорд“, кое стои зад серијата, како и неговиот основач и извршен директор, сценаристот, режисерот и продуцентот. На санкциската листа е и еден од коавторите на серијата, кој плаќа даноци во рускиот буџет, како и носителот на правата на анимираниот серијал.

Случајот со „Маша и Медо“ не е нов. Во август 2025 година, каналот на серијата беше на врвот на листата на најпопуларни детски канали на „Јутјуб“ во Украина.

Во октомври истата година, Националната полиција на Украина потврди дека серијата има врски со Русија и повика на воведување санкции.

Уште во 2017 година, комисија на украинската Државна филмска агенција разгледувала барање за забрана на цртаниот филм поради, како што било наведено, присуство на руски пропагандни наративи.

Како пример се посочува и епизода во која ликот Маша носи капа поврзана со НКВД – советската безбедносна служба чии припадници, меѓу другото, учествувале во задушување на антисоветски ослободителни движења.