Пораст на случаите со грип – пикот се очекува од крајот на јануари до средината на февруари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Состојбата со грипот во нашата земја оваа недела е на средно ниво, информираат од Институтот за јавно здравје. Во периодот од 5 до 11 јануари регистрирани се вкупно 2.322 случаи. Сепак, како што изјави Драган Кочински, бројот е зголемен за 34,6 проценти во споредба со минатата недела. Тој посочи дека најмногу заболени има во Скопје – околу 556 случаи, додека во Берово, Пехчево и Делчево досега нема регистрирано случаи. Врвот се очекува од крајот на јануари до средината на февруари.

„Најголем број пациенти повторно се во возрасната група од 15 до 64 години, додека највисока инциденца се регистрира кај децата од 0 до 4 години и кај децата од 5 до 14 години.“, вели Драган Кочински.

Во однос на евентуалното продолжување на зимскиот распуст во училиштата, Кочински изјави дека тоа не е потребно, бидејќи зголемувањето на бројот на случаи е забележано неколку недели порано од вообичаено и нема потреба од таква мерка. Дополнително, тој информираше дека има и 6 позитивни случаи на Ковид-19.

„Имаме 65 лица позитивни на грип, сите со инфлуенца А, при што доминира инфлуенца AH3, односно 66 проценти од позитивните. Имаме 6 лица позитивни на Ковид и 21 со респираторен синцицијален вирус.“, вели Драган Кочински.

Како општи мерки, се препорачува избегнување на затворени простории со голем број луѓе, редовно проветрување, консумирање витамини и минерали, како и останување дома во случај на заболување. Доколку симптомите се влошат или не се намалуваат, на граѓаните им се советува да се обратат кај матичниот лекар или кај специјалист по инфективни болести.