Пороен дожд го „парализира“ Скопје – пријави за поплавени куќи и автомобили

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вака успеаја да се спасат овие двајца млади, откако нивниот автомобил заглави кај мостот во скопски Бутел.

Подвозникот беше поплавен по краткотрајниот, но интензивен дожд што го зафати градот во средата попладне.

Овие неколкуминутни врнежи беа доволни Скопје да западне во целосен сообраќаен хаос.

Возила останаа заглавени и кај кружниот тек во близина на „Ист Гејт“.

Вака изгледаше улицата „Џон Кенеди“ во Чаир.

Според објавите на граѓаните на социјалните мрежи, голем број домови претрпеле штети откако водата навлегла во нивните простории.

Невремето предизвика и паѓање на дрвја.

Од Центарот за управување со кризи информираа дека преку единствениот број за итни случаи 112 примиле голем број пријави од граѓани за поплавени подруми, дворови, магацински простории, подвозници и кружни текови, како и за заглавени возила и други опасности предизвикани од обилните врнежи.

„Според досега пристигнатите пријави, најпогодени се општините Кисела Вода, Чаир, Бутел и Гази Баба. За сите пријавени случаи веднаш се известени Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и Единиците на локалната самоуправа, кои постапуваат согласно своите надлежности“, велат од ЦУК.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека Кризниот штаб на Град Скопје, заедно со градските служби и јавните претпријатија, е целосно мобилизиран и подготвен за брза интервенција на терен доколку има штети, поплави или потреба од итна реакција.

„Во постојана координација сме со ЦУК, МВР, ЕВН, Противпожарната бригада на Град Скопје и сите надлежни институции.  Сите капацитети се ставени во функција, со една цел навремена заштита на граѓаните и спречување на поголеми последици. Екипите на Град Скопје ќе бидат на располагање во текот на целата ноќ и ќе интервенираат секаде каде што ќе биде потребно“, вели Орце Ѓорѓиевски.

И Општина Чаир соопшти дека општинските екипи, заедно со ЈП „Паркови и зеленило“, Кризниот штаб и другите надлежни служби, се на терен и во постојана координација со институциите, ја следат состојбата и интервенираат каде што е потребно.

Од надлежните апелираат граѓаните да бидат внимателни, да избегнуваат непотребно движење во загрозените подрачја и да ги пријавуваат паднатите дрвја и другите пречки на патиштата на бројот 112, за екипите да можат што побрзо да интервенираат.