Поштарите на протест, платата им доцни 5 дена – „Државата ангажира приватни фирми, ја скока Пошта“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сашо Димитриевски 26 години работи како доставувач на пратки – поштар. Последниве години е контролор на поштарите. Тој е еден од оние вработени во Македонска пошта во сите градови во земјава кои втор ден протестираат за време на пауза заради петдневното доцнење на септемвриската плата.

-Велите дека 5 дена доцни платата. Дали пратките секогаш се пратени во рок има има ли реакции од граѓани дека не се доставени?

„Имаме реакции тоа не можам да ве лажам, знаете имаме доста доставувачи што ни недостасуваат и во Скопје и надвор“, вели Сашо Димитриевски.

Во Пошта 2 се вработени околу 300 луѓе, а на ниво на Македонија околу 2.100 вработени. Еден доставувач во центарски реон има од 50-70 препорачани пратки, а обични од 400-до 500 пратки.

Вработените не се загрижени само за платата, туку и за опстојувањето на компанијата.

„Причината е заради задоцнување на исплата на плата. Односно рокот за исплата на плати сите знаеме дека е до 15-ти, но денеска сме 20-ти и се уште платата на вработените не е исплатена. Дополнително сме загрижени за нашата егзистенција и зачувување на нашите работни места односно иднината на нашата компанија“, вели Боро Веригинов.

„Како ССМ ќе поднесеме барање уште во вторник на Владина седница со заклучок, бидејќи сме акционерско друштво во државна сопственост, да нареди премиерот до сите министри да ги користат услугите на Македонски пошти. Не може да ангажираат приватни пошти, а националната пошта која ја има државата како нејзин сервис да биде скокната и да не прави приходи“, порача Дарко Димоски.

Доколку до вторник не се договорот овој предупредувачки протест ќе премине во протест и ќе се доставуваат само препорачаните пратки од МВР, суд и АРМ. Покачувањето од 3 000 денари кое го добиле пред неколку месеци го „изела“ инфлацијата, па велат дека не го ни почувствувале.

Минималната плата пред покачувањето во Пошта била 17 000 денари и е далеку пониска од платата на нивните колеги во регионот- објаснува Димитриевски. Во Србија  скоро протестирале и платите им се повисоки од на македонските поштари, во Косово околу 600 евра, а во Словенија уште пред неколку години поштарите земале 800-900 евра плата.