Претседателката Гордана Сиљановска Давкова повика пресудите од Судот во Хаг да станат обврзувачки. Таа се обрати на дел од сесиите посветени на т.н. Пакт за иднината, за кој се расправаше во Обединетите нации. Со него се предвидува поголема меѓународна соработка за зачувување на мирот во светот. Во оваа насока претседателката повика Меѓународниот суд на правдата во Хаг да има посилна улога.
„Меѓународиот суд на правдата мора да добие посилна улога, а неговите пресуди, да станат задолжителни за сите. Мора да се воспостави поинтензивна соработка и партнерство со граѓанското општество, да се зголеми транспаретноста на работата на сите органи и тела.“, вели Гордана Сиљановска Давкова.
Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, на сесиите посветени на Пактот на иднината, истакна дека во период на глобални тензии, како што се руската агресија против Украина и случувањата во Газа и Блискиот исток, земјите мора да ја вратат меѓусебната доверба. Тој кажа дека Македонија е подготвена активно да учествува на ова поле.
„Нашата иднина треба да биде предвидлива, просперитетна и без стравувања. Злото што го носат војните и конфликтите треба да остане во минатото. Денес имаме шанса да ја зајакнеме мултилатералната агенда, како и глобалните системи и агенди за да можат да се приспособени на меѓународниот мир и сигурност. Утрето ни е веќе денеска.“, порача Тимчо Муцунски.
Земјите-членки на ОН го усвоија Пактот за иднината, со кој се обврзуваат да исцртаат „подобра иднина“ за човештвото заглавено во војни, мизерија и климатско затоплување, и покрај противењето на неколку земји, вклучително и Русија. Пактот предвидува посветеност на мултилатерализмот, почитување на Повелбата на Он и зачувување на мирот, а се повикува и на реформи на меѓународните финансиски институции и Советот за безбедност на ОН.
