Поскапе струјата: Вкупно поскапување е 0,92%, колку што е и кај евтината тарифа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Електричната енергија поскапи. Минимално, но сепак граѓаните од јануари ќе имаат повисоки сметки. Просечното зголемување е од 0,92 насто, но се разликува од блок во блок. Така во првиот тарифен блок, зголемувањето е за 0,68, во вториот за 0,9, во третиот за 1,93 и во четвртиот за 2,24 насто додека киловатот во евтината тарифа се зголеми за 0,9 насто.

„Тоа значи дека едно просечно домаќинство во државата која што има сметка од да речеме, 2.300 денари, зголемувањето на цената на електричната енергија ќе биде, трошокот за електрична енергија ќе му се зголеми за 21 денар“, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.

Бислимовски истакна дека ЕВН ХОУМ како универзален снабдувач пресметала дека зголемувањето треба да биде 4,4 насто, но ова не било прифатено од Регулаторната комисија. Иако се согласувале околу скоро сите бројки, на ЕВН ХОУМ не им било прифатен факторот за корекција, за да нема поголемо поскапување. Првиот регулатор истакна и дека државата на универзалниот снабдувач и должи нешто над 14 милиони евра и дека со новата цена ќе се вратат само еден милион, а од дополнително остварен приход уште два милиони.

„Во зависност и од приходите колку ќе ги остваруваат, секоја година ќе ги анализираме и секоја година кога ќе доставуваат барање, ја очекувам дека во овој дел кај универзалниот снабдувач, дека за максимум 6-7 години, сето тоа ќе го порамниме“, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.

Новата цена на електричната енергија стартува на 01 јануари 2025 година.