Последен ден за Изборниот законик – Мицкоски: Имаме работа со незрели политичари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Последен ден за Изборниот законик, но партиите не ги доближија своите ставови ниту милиметар. Премиерот Христијан Мицкоски на прашањето дали е можно сепак да се донесе законското решение во последен момент и со тоа да се исполни обврската од Реформската агенда рече дека не е оптимист, а вината ја префрли на опозицијата.

-Не сум оптимист затоа што имаме работа со неодговорни и незрели политичари во опозицијата. Јас денеска еве ги повикувам на зрелост, на одговорност и претседателите на Демократската унија за интеграција, СДСМ, Левица, крилата на Зијадин Села, на Арбен Таравари да седнат заедно како опозициски партии да се договорат и нека донесат закон во кој што е вклучено гласањето на дијаспората еве ние, кога тие ќе сметаат дека е завршено кога ќе го донесат ние ќе го прифатиме, вели премиерот Христијан Мицкоски.

Најави за некаков договор и можно придвижување пред истекот на рокот на опозициските партии нема. Вчера претседателот на СДСМ Венко Филипче рече дека за него, барањето на власта за гласање на дијаспората е обид за изборна кражба. Денеска од партијата преку соопштение ја обвинија дека власта манипулира дека Изборниот законик е услов за напредок кон ЕУ.

-Тезата дека блокадата на Изборниот законик ја спречува Македонија да напредува кон ЕУ е свесна манипулација. Европската унија не бара промена на Изборниот законик по мерка на една партија. ЕУ бара кредибилни, фер и транспарентни избори, независно судство и борба против корупцијата. Иако подобрувањето на изборното законодавство е дел од пошироката реформска агенда, конкретните решенија кои во моментов ги турка власта не се обврска кон Европската унија, велат од СДСМ.

Мицкоски во врска со овие забелешки рече дека и еврокомесарката Марта Кос потврдила дека тоа е дел од реформите кои се битни за евроинтеграцијата на земјава.

Од Левица обвинија дека СДСМ има таен договор со Мицкоски и затоа не дозволиле опозициско обединување за една изборна единица.

-СДСМ остана цврсто на тајниот договор со ДПМНЕ за Изборниот законик да остане недопрен, како оперативна спогодба меѓу актерите на стариот поредок со цел овој модел да преживее бидејќи токму тој модел ги храни нив и оди на штета на Левица, велат од Левица.

Изборниот законик остана блокиран од опозицијата и покрај тоа што вчера евроамбасадорот Михалис Рокас изрази оптимизам дека може да се донесе законот и ги повика партиите да постигнат консензус за ова прашање.