Се одбројуваат деновите до најголемиот спортски настан на кој била дел македонската фудбалска репрезентација. На 11-ти јуни стартува Европското првенство, а нашата фудбалска селекција својот дебитански настап ќе го има два дена подоцна против селекцијата на Австрија.
Селекторот Игор Ангеловски почна со подготовките. Тренинзите се без Енис Барди, кој има позитивен тест на коронавирус, но засега тој е добро и нема никакви симптоми. Се чекаат Горан Пандев и Аријан Адеми. Останатите фудбалери полни со оптимизам и мотивација.
„Сите знаеме дека ова е еден голем успех за сите нас и нормално е дека е посебен затоа што досега беа само квалификации, а сега се пласиравме на едно големо натпреварување. Чувството е неописливо. Ова е еден сон за сите нас. Сите фудбалери чекаа да играат на едно големо натпреварување. Сите што сме дојдени тука имаме голема мотијација. Сите што ќе отидеме таму ќе го дадеме нашиот максимум и ќе покажеме дека заслужуваме да бидеме таму“, истакна Александар Трајковски, репрезентативец.
А, познато е и во какви дресови ќе настапат репрезентативците. Првата гарнитура е бордо боја, нешто што на голем број фанови не им се допадна, а втората гарнитура е бела со комбинација на жолта и црвена. На третата преовладува црната боја.
Први дресовите ги видоа и добија репрезентативците Џани Алиоски и Стефан Ристовски.
Како генерална проба на фудбалската репрезентација ќе бидат Словенија и Казахстан со кои пред патувањето на Европското првенство ќе се одиграат пријателски средби. Првиот меч Македонија го игра на 13-ти јуни против Австрија, на 17-ти следува пресметката со Украина, додека групната фаза се завршува против Холандија во Амстердам на 21 јуни. За потсетување, Македонија преку новото натпреварување Лига на Нации откако ја победи Грузија во финалето се пласираше за прв пат на Европско првенство.
