Ферати со обединувачки говор: Охридскиот договор им даде на земјата и на народите можност да ја изберат иднината

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По повод 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор, министерот за односи меѓу заедниците, Агон Ферати, на свеченоста одржана кај Камениот мост во Скопје истакна дека станува збор за договор кој продолжува да живее во животот на луѓето, како што додаде, „не затоа што беше совршен или ги реши сите проблеми, туку затоа што им даде на земјата и на народите можност да ја изберат својата иднина“.

Ферати рече дека денес се навраќаме во минатото за да се потсетиме што ги одржувало народите обединети, а не за повторно да ги отвораме старите поделби.

„Генерацијата на Илинден нѝ го остави идеалот на слободата. Генерацијата на АСНОМ нѝ ја остави државноста. Генерацијата на независноста нѝ ја довери суверената држава. Генерацијата од 2001 година нѝ го остави мирот. А што ќе им оставиме ние на оние што ќе дојдат по нас. Тоа е единственото прашање што навистина заслужува одговор. Нашата задача денес не е повторно да ја создаваме државата. Не е повторно да го избираме мирот. Нашата задача не бара помалку храброст. Само поинаква храброст. Да изградиме доверба. Во институциите. Во правдата. Во зборот што ќе го дадеме. И, пред сè, еден во друг. Затоа што довербата не може да се изгласа. Не може да се потпише. Не може да се нареди. Таа се заслужува“, истакна тој.

Фокусирајќи го својот говор на иднината и на младите, Ферати рече дека идните генерации нема да ги паметат денешните по одржаните говори, туку по државата што сме им ја оставиле, дали во неа имало правда, достоинство и доверба, дали секое дете, без разлика како се вика, на кој јазик зборува или во кој дел од Македонија е родено, можело да почувствува дека оваа земја е негов дом.

„Ако успееме во тоа, тогаш ќе знаеме дека сме ја разбрале вистинската смисла на 13 август. Не како ден кога беше потпишан еден договор. Туку како ден кога Македонија уште еднаш покажа дека, кога историјата ќе ја исправи пред тежок избор, знае да ја избере иднината. Нашите претходници нѝ го оставија идеалот на слободата. Нѝ ја оставија државата. Нѝ ја доверија независноста. Нѝ го оставија мирот. Еден ден, некоја нова генерација ќе зборува за нас. Како што денес ние зборуваме за оние пред нас. Нека може да каже дека сме ја сочувале државата. Но уште повеќе – дека сме ја направиле подобро место за живеење. Тоа ќе биде нашето најголемо наследство. И затоа – да не ја чекаме иднината. Да ја заслужиме, заедно“, порача Ферати.