Пост-ковид симптоми кај излекувани пациенти – Љумани: Последици има на сите органи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И откако ќе го прележат Ковид 19, граѓаните не заздравуваат целосно. Корона вирусот остава различни последици со месеци кај пациентите кои биле заразени. Лекарот Седат Љумани вели дека вирусот не поштедува ниеден орган и дека сите функции се загрозени. Но последици остануваат таму каде што бил најконцентриран вирусот.

„За жал, кај народот е познато само тоа дека белите дробови се оштетуваат и дека опаѓа нивото на кислород, но не е само тоа. Го напаѓа кардиоваскуларниот систем, почнувајќи од крвните садови, коагулацијата на крвта, самиот срцев мускул, го зафаќа уринарниот систем, како што се бубрезите, уринарните канали, го напаѓа централниот нервен систем, периферниот нервен систем и мускулите. Можно е пациентот да нема ниеден друг симптом, само болка во мускулите и зглобовите“, истакна Седат Љумани.

Проблеми со сетилото за мирис и вкус, болки во мускулите, замор, психички проблеми се само некои од пост-ковид симптомите со кои се соочуваат лицата кои веќе го прележале Сарс ков 2. Лекарот Љумани вели дека има лица кои завршуваат фатално неколку месеци откако мислат дека се излечиле од Ковид.

„Многу пациенти чувствуваат нагласена слабост поради напад на локомоторниот систем, значи коските, мускулите, периферните нерви ги оштетува кои ја губат чувствителноста и силата во екстремитетите. Кај некои се јавува последица со дишните органи, особено кај оние со тешка пневмонија. Кај голем број, кај оние кај кои бил нападнат централниот нервен систем стануваат поагресивни, подепресивни, односно имаат последици на централниот нервен систем“, посочи Седат Љумани.

Според една студија во Кина, речиси две третини од пациентите третирани болнички, уште 6 месеци по акутната болест страдаат од различни симптоми. “Анализата покажува дека повеќето пациенти по излегувањето од болница треба да живеат со некои од последиците од вирусот и ја подвлекуваат потребата од внимателност по Ковид 19, особено за оние кои поминале тешка инфекција“, вели Бин Цао, еден од авторите на студијата и заменик директор на Националниот клинички центар за респираторни болести.