УДАРНА ВЕСТ

Постапка и мерки на претпазливост за шест затворски полицајци од КПУ Идризово

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Предметен јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапувајќи по кривичната пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи, започна предистражна постапка против шест затворски полицајци вработени во КПУ Идризово. Лицата се осомничени дека сториле кривично дело Овозможување бегство на лице лишено од слобода по чл.372 ст.1 в.в со чл.22 од Кривичниот законик.

Според наводите во кривичната пријава на 01.02.2023 година, осомничените како службени лица – затворски полицајци вработени во КПУ-КПД Идризово, додека биле на смена и постапувале по Наредба за извршување на работните задачи за наведениот ден, како соизвршители, спротивно на одредбите од Законот за извршување на санкции и Правилникот за овластувањата на затворската полиција и начинот на вооружување и вршење на работите на затворската полиција, со давање лажни податоци/изјава спрема раководните затворски полицајци овозможиле бегство на седум правосилно осудени лица кои издржувале казна затвор во отвореното одделение во КПУ-КПД Идризово.

Ценејќи дека се исполнети условите, а заради непречено водење на кривичната постапка, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка предложи на петмина осомничени да им бидат определени мерки на претпазливост како поблаги мерки за обезбедување присуство и тоа: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган кој ќе го определи судијата на претходна постапка, како и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање, забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица – осомничените во оваа постапка, како и Забрана за преземање на определени работни активности – затворски полицаец, а кои се поврзани со кривичното дело согласно член 146 ст.1 т.1, 2, 3, 6 и 7 од Законот за кривична постапка. За еден од осомничените истите мерки се определени во друг предмет што се води против него.

За ова кривично дело согласно Кривичниот законик е предвидена казна затвор од од три месеци до пет години.