Постигнат договор Мицкоски-Филипче: Заедно ќе работат на закони за правосудство, енергетика и здравство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на СДСМ, Венко Филипче договорија работни групи за побрзо усвојување на законите за правосудството од Реформската агенда, за енергетиката и за проекти за здравството. Нивниот прв состанок Филипче го оцени како добар и контсруктивен, а очекува во групите да им се приклучат и другите партии.

„Сите политички партии ќе седнат на масата. Ова е едноставно за доброто на државата, ние немаме ниту доволен човечки капацитет секоја една политичка партија ако ја гледате изолирано, младите еве гледаме се повеќе заминуваат од земјата, мора да пуштиме порака на обединување за доброто на државата“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.

Двајцата зборувале и за евроинтеграцијата и уставните измени.

„За жал тука имаме различни позиции. Ги разбирам позициите на премиерот, останува за ова да зборуваме дополнително“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.

Додека седеа на иста маса Мицкоски на фејсбук напиша дека на Македонија и се потребни одговорност и мудрост. Од Владата соопштија дека премиерот на средбата истакнал дека се потребни коренити реформи на системот.

-Неопходно е да се мобилизираат сите напредни поединци и структури кои можат да дадат придонес на патот за развој на земјата. Македонските државни интереси треба да бидат појдовната точка во разговорите за секое прашање, при што Мицкоски побара од Филипче да се потруди да биде конструктивен фактор во определбата за промени, реформи и напредок, велат од Влада.

Од ДУИ пак, оценија дека Мицкоски и Филипче го преобликуваат политичкиот модел – од мултиетничка во моноетничка демократија. Според ДУИ, се зборувало како ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да се штитат од одговорност за случаи како трагедијата во Кочани, но и за отстранување на Албанците од сите нивоа на власт.

„Овој план не е нов, туку е скорен пред три години преку ноторниот договор Мицкоски-Заев пред сѐ како заштитен чадор за транзициската олигархија во земјава. Планот веќе се реализира преку укинувањето на Балансерот, моноетничкото одлучување на Уставниот суд, но и отстранувањето на Албанците од голем број високи позиции во државната управа“, велат од ДУИ.

ДУИ ја повика коалицијата ВРЕДИ да искаже револт за средбата, но оттаму одговорија дека ДУИ се исплашени зашто СДСМ ги пуштил низ вода.

„Не постојат ниту јавни, ниту тајни планови за отстранување на Албанците од било каде. Постои само патолошки страв на ДУИ од правосудна одговорност за нивните поранешни функционери кои со децении се богатеа на грбот на албанскиот народ“, велат од коалицијата ВРЕДИ.

Инаку, деталите за работните групи што ги најавија Мицкоски и Филипче допрва ќе се прецизираат.