Во понеделник и дефинитивно ќе заврши формирањето на Собранието со изборот на работните тела. Собраниската комисија за избори и именувања го утврди составот и кој ќе раководи со комисиите, откако претходно пратеничките групи постигнаа конечен договор. Покрај за комисиите на седницата ќе се верификува и мандатот на новата пратеничка Емилија Рамбабова која ќе дојде на местото на министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска. Власта поради ова но и отсуството на пратеникот Арбен Зибери нема мнозинство. Џафери рече доколку добие негативен тест можно е тој да гласа од кабина.
„Во однос на кворумот нема никаков страв затоа што тоа е консензус на политичките партии кои што се застапени во работните тела. Пратеникот Зибери според информациите досега што ги имам е во добра здравствена состојба и во текот на денешниот ден треба да биде пуштен од Инфективната клиника и статусот негов ќе зависи од заклучокот на медицинскиот тим“, истакна Талат Џафери.
За неодамнешниот предлог на Џафери за он-лајн Собрание во кое опозицијата остро го отфрли како неприфатлив, тој рече дека парламентот мора да има алтернативен начин на одржување на седниците. Во однос на најавите дека Владата може да предложи укинување на патните трошоци на пратениците тој на брифингот со новинарите рече дека доколку добие таков предлог тогаш тој ќе барам укинување на службените возила на сите функционери, па тогаш сите нека доаѓаат со тротинети. Сепак пред камерите беше повоздржан.
„Да се укинат не мислам дека треба да се укинат целосно, да се дорегулираат, да. Но чекам од конкретна акција како ќе биде понатаму. Лошо е што се создава слика дека сето зло во ова општество и во оваа држава потекнува од Собранието и од пратениците“, посочи Талат Џафери.
За именувањето потпретседатели на Собранието рече дека според Законот за Собрание има четири обврски кои треба да ги спроведуваат токму потпретседателите и затоа се тие потребни. Но, како што рече бидејќи некој сакаше да собира политички поени, очекувам од партиите тие сами да дадат предлог.
