Потпишан договор за изградба на коридорот 8 – „Амин“ ќе чека од Собранието

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Потпишан договорот за изградба на коридорот 8 и 10 со американската компанија Бечтел Енка. Работите ќе започнат тогаш кога ќе се изготви законот кој треба да се изгласа во Собрание. Од утре во влада ќе се формира работна група каде ќе се подготви акциски план за целиот проект. Директорот на претпријатието Државни патишта вели дека коридорот 8 ќе биде готов до крајот на мандатот односно до 2025.

„Се надеваме дека на брз начин ќе се донесе законот и по донесувањето веднаш ќе почнеме, се надеваме дека годинава ќе почнеме со градежните активности. Според разговорите кои ги водевме, доколку немаме административно доцнење, до крајот на 2025 година ќе ја имаме изградбата на автопатот на коридорот 8“, истакна Ејуп Рустеми.

Првиот вицепремиер Артан Груби рече дека изградбата на коридорот ќе го подобри квалитетот на живеење на граѓаните и економијата во земјава.

„Коридорот 8 претставува добра можност за РСМ било тоа од политичка гледна точка бидејќи со тој коридор земјата ќе добие нова геополитичка вредност како поврзувачки мост меѓу балканските земји. Проектот ќе поминува низ Тетово, Гостивар, Кичево, Требеништа во Струга до Ќафасан“, посочи Артан Груби.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека со оваа инвестиција се модернизира коридорот 8 и 10. Тој додаде дека нема да дозволат доцнење на изградбата на  патиштата како што се случувало до сега.

Целиот проект се уште не се знае колку ќе го чини државниот буџет. Инаку коридорот 8 е сообраќајна делница која треба да ги поврзе Северна Македонија, Бугарија и Албанија. Бугарија и Северна Македонија така ќе имаат поголем пристап до Запад а Албанија како и другите земји се надева на економски пораст.