Иако договорот за што полесно и побрзо поминување на граничниот премин меѓу Македонија и Косово беше постигнат на меѓувладината седница која се одржа во ноември лани во Приштина, за сега се уште не се реализира. И од двете страни на границата граѓаните и натаму чекаат долго и ги спроведуваат граничните процедури и контроли и на македонската и на косовската граница. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека овој договор ќе профункционира откако ќе завршат изборите во Косово.
„Треба да се направи практично one stop, на едно место да се застане. Таму има кампања во Косово за парламентарни избори. Очекувам по завршување на кампањата тој процес да се забрза. Кај нас и технички и административно работата е завршена, треба да завршат таму изборите па да го финализираме и тој проект.“, рече Мицкоски.
Но, покрај ова, патниците кои одат кон граничниот премин кон Косово и натаму возат по автопатот кој е во катастрофалната состојба, а за кој повеќе од две децении сите изминати влади ветуваа дека Скопје – Блаце ќе го изградат. ТВ21 деновиве беше таму на терен но освен двата километри кои не можат да се поврзат со постоечкиот пат ништо друго не е изградено, а воедно проблеми има и со експропријацијата на земјиштето. Мицкоски со ново ветување, вели тендерската документација е во процедура.

„Ние се трудиме да направиме техничко решение кое што конечно на граѓаните ќе им го овозможи тоа, бидејќи нас ни одговара како држава, бидејќи три пати повеќе граѓани на Косово влегуваат во Македонија отколку граѓани на Македонија кои што влегуваат во Косово. Во наш интерес е тоа да го направиме тоа и ценам дека ако се направи овој пат, уште повеќе можеби 5 пати повеќе тие доаѓаат тука можеби дел од нив и транзитираат, одат кон нашиот јужен сосед, но дел остануваат тука, трошат пари. Во наш интерес е што побрзо тоа да се случи. Не касни овој проект, не касни, во процедура е, тендерската документација е во процедура“, рече Мицкоски.
Инаку, како проект кој се уште чека реализација е автопатот Тетово – Призрен, за што донесена е одлука за формирање мешовита комисија кои заеднички треба да работат на негова изработка. Мицкоски рече дека овој автопат треба да биде готов за околу 5 години.
