Потпишан договорот за финансирање на автопатот Скопје – Блаце: Изградбата почнува во август, се очекува да заврши за четири години

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Потпишан е договорот за грант за финансирање на изградбата на автопатот Скопје–Блаце. Договорот го потпишаа директорот на Европската банка за обнова и развој, Фатих Туркменоглу и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски. Грантот изнесува 30,8 милиони евра, додека кредитот е 167,6 милиони евра. Трајановски најави дека градежните работи ќе започнат во август годинава, а изградбата ќе трае четири години.

„Ова е одличен проект за земјата, бидејќи ја подобрува регионалната поврзаност, особено со Косово, а воедно го поддржува и економскиот раст, што е важно за отворање нови работни места.“, рече Фатих Туркменоглу, директор на ЕБОР.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека овој проект со години бил само ветување, а сега конечно се реализира.

Министерот за транспорт, Александар Николоски, истакна дека автопатот Скопје–Блаце е дел од Трансевропскиот коридор 6 и ќе ја поврзе Македонија со Косово, како и со пристаништата во Албанија и Црна Гора.

Евроамбасадорот Михалис Рокас смета дека овој проект е од големо значење, бидејќи ја поврзува Македонија со европската транспортна мрежа и го зајакнува поврзувањето на Западен Балкан со Европската Унија.

„Горди сме што обезбедивме 41 милион евра грантови, од кои 37 милиони се наменети за изградба и надзор. Заедно со кредитот од ЕБОР, оваа инвестиција, вредна повеќе од 235 милиони евра, претставува еден од најзначајните транспортни проекти во земјата.“, рече Рокас.

Инаку, должината на оваа автопатска делница изнесува 10,5 километри. Претходно беа изградени два километри, така што вкупната должина од клучката Стенковец кај Скопје до граничниот премин ќе изнесува 12 километри. Новата делница ќе има по две сообраќајни ленти во секоја насока, со ширина од 3,5 метри, како и по една странична лента за застанување широка 2,5 метри. Вкупната широчина на автопатот ќе биде 27 метри.