Македонија прави нов чекор кон поврзување со регионалната гасоводна мрежа. Денеска беше потпишан договорот за проектирање и изградба на интерконективниот гасовод Македонија-Србија, кој треба да создаде нова директна врска со српскиот гасоводен систем.
Договорот го потпишаа директорот на АД „Номагас“, Недим Рама, и директорот на „Рапид Билд“, Тони Каранфиловски, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Како што информира Рама, по спроведената постапка за избор на изведувач, за најповолна била избрана понудата на „Рапид Билд“, во вредност од 29,4 милиони евра.
Станува збор за договор по принципот „клуч на рака“, според моделот FIDIC, кој ги опфаќа урбанистичкото планирање, проектирањето, изградбата, како и обезбедувањето одобрение за употреба.
Македонскиот дел од интерконекторот ќе биде долг 22,4 километри, со дијаметар од 500 милиметри. Трасата ќе започнува кај блок-станицата „Клечовце“, а ќе завршува на границата со Србија, во близина на селото Сопот.
Во рамките на проектот се предвидува изградба на пет придружни објекти – главна интерконекторна мерна станица, редукциска станица, блок-станица, како и две приемно-отпремни чистачки станици.
Гасоводот ќе има технички капацитет до 160.000 кубни метри гас на час, а предвидена е и можност за двонасочен проток. Целосната реализација на проектот е планирана до четвртиот квартал од 2028 година.
Интерконекторот Македонија-Србија е дел од пошироките планови за зајакнување и диверзификација на снабдувањето со природен гас. Со неговата изградба, Македонија би можела да добие дополнително значење како транзитна точка за транспорт на гас од југ кон Србија и понатаму кон Централна Европа.
Проектот се поврзува и со изградбата на интерконекторот со Грција, преку кој македонскиот гасоводен систем треба да добие пристап до гасните извори и ЛНГ-терминалот во Александруполис. Со воспоставувањето на врската кон Србија, се отвора можност за понатамошен транспорт на гас кон земјите од Централна Европа, меѓу кои Унгарија и Австрија.
