Потврден вирусот Западен Нил кај мртов гавран во Ресен

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вирусот Западен Нил е потврден и во Преспанскиот регион, откако кај мртов гавран пронајден во парк во Ресен е детектирано присуство на вирусот. Наодот го потврди Агенцијата за храна и ветеринарство, а надлежните институции најавуваат засилени мерки против комарците.

Засега во Ресен нема регистриран случај на заразен човек со вирусот Западен Нил. Сепак, според министерот за здравство Сашо Клековски, позитивниот наод кај птицата е важен сигнал дека вирусот локално циркулира во Преспанскиот регион.

„Гавранот е генерално стационарна птица, значи не е птица преселница и пронаоѓањето на мртвиот гавран е показател на локална циркулација на вирусот на западнонилска треска“, изјави Клековски.

По потврдата, веднаш биле известени Центарот за јавно здравје Битола и локалната самоуправа во Ресен. Од надлежните се очекува да ги ревидираат плановите за дезинсекција и да спроведат таргетирано прскање против комарци во подрачјата каде што постои ризик од ширење на вирусот.

Ова е втор потврден случај на Западен Нил кај мртва птица во Македонија годинава. Претходно вирусот беше детектиран кај заразен гавран пронајден во централното подрачје на Скопје, во близина на реката Вардар.

Во меѓувреме, Агенцијата за храна и ветеринарство го засилува надзорот над живината и дивите птици на целата територија на државата. Со лабораториски испитувања ќе бидат опфатени различни видови домашни и диви птици, меѓу кои кокошки, мисирки, фазани, потполошки, гуски, патки, лебеди, штркови, чапји, соколи и галеби.

Вирусот Западен Нил природно циркулира меѓу птиците и комарците. Луѓето најчесто се заразуваат преку убод од инфициран комарец, поради што откривањето на вирусот кај птиците претставува важен показател за можната активна циркулација во одредено подрачје.

Дополнителна загриженост предизвикува и состојбата со заразените пациенти. Денеска на скопските клиники почина 72-годишен пациент со западнонилска треска, со што бројот на починати лица од овој вирус во земјава се искачи на шест.

Надлежните апелираат граѓаните да бидат внимателни и доколку забележат угината птица, особено гавран, да не ја допираат и да го известат надлежното јавно комунално или ветеринарно тело.