Бројот на загинати по пукањето на хемиски резервоар во американската држава Вашингтон се искачи на 11, откако спасувачките екипи ги пронајдоа телата на сите девет лица кои се водеа како исчезнати, соопштија властите вчера.
Двајца загинати беа потврдени веднаш по несреќата, кога резервоар што содржел хемиски раствор од натриум-хидроксид и натриум-сулфид што се користи во производството на хартиена пулпа – имплодираше во фабриката на компанијата Nippon Dynawave Packaging во вторникот.
Потрагата по исчезнатите продолжи во текот на целата недела, додека екипите за извлекување и спасување ги расчистуваа урнатините во затворените делови на објектот и користеа дронови за надлетување на периметарот на локацијата, изјави заменик-началникот на локалната противпожарна служба, Курт Стич.
Оштетениот резервоар содржел околу 900.000 галони (3,4 милиони литри) од хемискиот раствор, а тестовите потврдиле дека загадувањето навлегло во блиската река Колумбија. Сепак, според властите, не биле утврдени „негативни здравствени последици“ врз квалитетот на воздухот или врз водата за пиење во градот Лонгвју.
Nippon Paper Industries, вториот најголем производител на хартија во Јапонија според приходите од продажба, ја купи фабриката во Лонгвју од компанијата Weyerhaeuser со седиште во Сиетл за 225 милиони долари и во 2016 година ја основа својата целосно сопствена подружница, Nippon Dynawave Packaging.
