Скопјани на последниот ден од 2024 повторно се соочуваат со проблеми со градскиот превоз, а автобуските постојки се преполни. Голем дел од автобусите на ЈСП се повлечени, неофицијално зашто му завршил договорот на в.д. директорот Драги Кушовски, па немал кој да ја потпише документацијата. Од Синдикатот очекуваат наскоро проблемот да биде надминат.
„Во моментов ситуацијата се менува, затоа што продолжен му е договорот на в.д. директорот, со ветување дека денеска, за неколку часа, ќе се има 40 тони нафта во двете автобази и дека од утре па натаму до крајот на неделата ќе сообраќаат автобусите без проблем“, изјави Миќо Стојановски, синдикат на ЈСП.
Претходно премиерот Христијан Мицкоски го повика менаџментот на ЈСП и Град Скопје да си надминат недоразбирањата, додавајќи дека проблемот не е во немањето нафта, туку е административен.
„Нека направат нешто, до Бога, затоа што ова веќе ги поминува сите граници. Апелирам и до раководството на ЈСП и на раководството на Град Скопје да ги надминат меѓусебните несогласувања за да можат скопјани да го користат јавниот превоз, бидејќи не станува овде збор за, колку што сум информиран, за недостаток на количини на нафта“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Инаку, Владата на седница одлучи да му додели на Градот, поточно на ЈСП, 120 милиони денари. Тие ќе легнат на сметката на претпријатието наредната недела, а намената е за да продолжи мерката за бесплатен јавен превоз за студентите.