Овие машини во фабриката за производство на пластични кеси веќе не работат бидејќи работниците се избркани од работа…
Игор Цветковски е еден од работниците кој стравува дека наскоро може да остане без работа. Како што раскажува, има семејство кое зависи од него и две деца кои одат на училиште.
Сопственикот на компанијата, Марјан Моневски, вели дека со забраната за употреба пластични кеси, производството се намалило драстично. Како што вели, бил принуден да отпушти 4 работници како технолошки вишок и стравува дека ќе се доведе до ситуација да мора да отпушти уште луѓе.
Моневски вели дека продажбата на кесите опаднала за 50%, а со тоа и заработката.
Производителите на пластичните кеси се во неизвесност дали нивните компании и работните места на работниците ќе успеат да „преживеат“, па затоа ги повикуваат надлежните институции да им излезат пресрет.
Според Групацијата на производители и преработувачи на пластични маси, со драстичниот пад на работата, во ризик од затворање се 30 фабрики, а без работа можат да останат 600 луѓе. Сопствениците најавуваат протест доколку не се изнајде решение за проблемот.
