Започна повторната реконструкција на Универзалната сала, која треба да биде готова до крајот на 2027 година. Ќе чини околу 20 милиони евра и ќе го задржи автентичниот изглед. Таа треба да биде дел од „Скопје – европска престолнина на културата во 2028 година“. Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков вели, надминати се сите правни и административни пречки од минатото, поради поделеното стопанисување помеѓу Градот Скопје и Министерството за култура.
„Во овој момент Министерството за култура и туризам, преку Владата е инвеститор на Универзалната сала, по принцип клуч на рака, бидејќи како што знаете во минатото беше поделена во три фази, сега е по принципот клуч на рака. Сумата е околу 20 милиони евра обезбедени од Владата преку Министерството за култура, и како што реков ќе биде готова до крајот на 2027 година и конечно скопјани ќе имаат повторно еден спомен кој што го имале во минатото“, изјави Љутков.
Салата ќе се реконструира на истата челична конструкција, бидејќи испитувањата и експертизата покажале дека куполата не е оштетена од пожарот. Љутков најави дека проектот превидува измени во влезот на Универзалната сала, на сценската технологија и хидраулика и нова звучна изолација на куполата, бидејќи како што рече се наоѓа меѓу станбени објекти и многу е важно да има добра звучна изолација
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски рече дека овој објект ќе биде репрезентативен за градот и државата, симбол од постземјотресниот период кој буди емоции кај сите скопјани.
„Бидејќи оваа активност и реализацијата на овој проект го прави Владата преку Министерството за култура и туризам, ние како Скопје на крајот ќе треба да го преземеме објектот, да ни биде предаден, но стоиме логистички на располагање за сето она што треба следствено да помогнеме во текот на реализацијата на овој грандиозен проект ви рекол за Градот Скопје“, изјави Ѓорѓиевски.
Инаку Универзална почна да се реновира на крајот на мандатот на поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов на средина на 2021-та година. Со доаѓањето на екс градоначалничката Данела Арсовска работите се стопираа за околу две години. Со одлука на Владата, додека министерка за култура беше Костадиновска-Стојчевска, Министерство ја презеде салата од Град Скопје. Реконструкцијата продолжи, но беше стопирана од пожарот кој избувна во април 2024 година.
