Пожар на депонија во Визбегово – пламен, експлозии и хеликоптери во акција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вака денес изгледаше Скопје.

Црниот чад се гледаше од сите делови на главниот град.

Чадот доаѓаше од депонијата во населбата Визбегово, дел од општина Шуто Оризари. Гореше отпад.

-Од утрово пожарот ги зафати отпадите во близина на Шуто Оризари и Визбегово, надлежните се на терен за да го локализираат пожарот, пренесе репортерката на ТВ21, Фазиле Халили.

Од полицијата информираа дека големиот пожар избувнал околу 09:16 часот на пункт за старо железо, каде што се запалиле оштетени возила со плински боци, што предизвикало и експлозии.

Досега, според МВР, не е зафатена приватна сопственост, а едно лице е повредено и пренесено на лекарска помош.

На местото дојде и градоначалникот на Шуто Оризари.

Покрај пожарникарите и граѓаните кои помогнаа во гаснењето, вода се фрлаше и со хеликоптер. Од МВР информираа дека хеликоптерот „Austa Bell 212“ беше испратен за да помогне во гаснењето, но потоа, како што додаваат, поради силниот ветер и густиот чад, хеликоптерот беше повлечен на база.

Потоа, на барање на Центарот за управување со кризи, интервенираше и „Ер Тракторот“ на Дирекцијата за заштита и спасување.

И како да не беше доволно оваа хаос, имаше и расправија! Полицијата го уапси сопственикот на фирмата што управува со депонијата.

-Поради непочитување на наредбите на полициските службеници, е уапсен А.Н., сопственикот на фирмата што управува со депонијата. Се преземаат мерки за гаснење на пожарот и целосно расветлување на случајот, велат од МВР.

ТВ21 се обрати и на официјалниот број на компанијата „Asd Metal Group“, каде се јави една дама, но на прашањето за став, таа рече дека не е расположена да даде изјава.