Пожар во студентскиот дом „Пелагонија“ – поранешен вработен ја запалил канцеларијата на директорот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ова се полуизгорените предмети од канцеларијата на директорот на Студентскиот дом „Пелагонија“-Скопје, што ја запалил поранешен вработен во оваа институција.

„Канцеларијата на директорот на Студентскиот дом „Пелагонија“ демолирана. Се сомнева дека еден од поранешните вработени подметнал пожар поради тоа што, како што дознаваме од неофицијални информации, директорот на оваа установа не му го продолжил договорот за работа“, вели репортерката на ТВ21.

Од МВР велат дека постапиле веднаш по пријавувањето на  случајот од страна на директорот, Агим Фејзулаху.

„На 11.11.2022 во СВР-Скопје А.Ф.(36) вработен како директор на студентски дом во населба Кисела Вода, Скопје пријавил дека на работното место, по претходна расправија, Н.Ј., кој бил поранешен вработен во домот, заедно со уште едно лице, фрлиле запалива течност, при што настанал пожар“, велат од МВР.

Пожарот е изгаснат од Противпожарната единица-Скопје. Повредени нема, а полицијата вели дека ги презела сите потребни чекори за целосно расветлување на случајот.