Пратениците го донесоа буџетот за 2026 година – за опозицијата неразвоен, за власта европски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пратениците на вториот ден од расправата го донесоа буџетот за 2026 година тежок 6,7 милијарди евра. Гласаа вкупно 85 пратеници, 71 беа „за“ и 14 против.

Расправата помина со жестоки меѓусебни обвинувања на релација власт-опозиција. За опозицијата буџетот не е развоен, ниту социјален и е предизборен и нема допирна точка со реалноста. За власта пак буџетот е развоен и европски и носи силен инвестициски циклус и подобар животен стандард за граѓаните.

„Сега имаме фискална дисциплина, наместо распаднати јавни финансии. Овој буџет е консолидиран, а не е напумпан. Овој буџет е европски, а не уличарски. Овој буџет има финансиска дисциплина. Воведуваме е-фактура, дигитализација на УЈП и Царината, минимален глобален данок, системски реформи. Да потсетиме, СДСМ остави хаос, неплатени обврски, буџетски дупки, непресметани долгови и ефикасност сведена на популизам и партиска администрација“, изјави Јован Јаулески од ВМРО-ДПМНЕ.

„Живееме во различна димензија. Кога зборувате ова трета економија , читајте Швајцарија е 42-ра, Германија 47-ма и да почнеме да ги жалиме Швајцарциве и Германциве како живеат. Пошто ние овде, не да ги донесеме овде во државава, за гревота како живеат тие нека дојдат во Македонија. Е таа е различната димензија. Јас зборувам за тоа што е бројка е реално во буџетот.“, рече Митрески од СДСМ.

„Ова ниво вакво на инвестиции, ваква структура е навреда за самиот збор капитални“, додава Митрески.

Во буџетот за наредната година вкупните приходи се проектирани на 6,1 милијарда евра, а расходите на 6,7 милијарди евра. Буџетски дефицит е планиран на 638 милиони евра или 3,5% проценти од планираниот БДП. За капитални инвестиции се проектирани 658 милиони евра. Се очекува раст на БДП од 3,8%, инфлација од 2,5%.