Пратениците го изгласаа заемот од 260 милиони евра – Битиќи: Ќе има и ново задолжување од 350 милиони евра?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Заемот од меѓународни банки од 260 милиони евра, јавниот долг што се приближува до 11 милијарди евра и фискалната стратегија 2027-2031 година предизвикаа жестока расправа во Собранието помеѓу власта и опозицијата. За опозицијата, власта за две години ја задолжила државата за нови 2,5 милијарди евра. Власта пак со обвинување дека СДСМ додека била на власт го зголемила долгот 100 проценти. Опозицијата реагираше и за отсуството на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска од денешната расправа на седницата. Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски ја бранеше и фискалната стратегија и задолжувањето.

„Кој пример сте вие да кажувате на оваа влада, која што обезбедува шест квартали по ред економски раст на државата, во просек од 3 проценти раст на бруто-домашниот производ, кога во периодот од 2017-та до втор квартал од 2026-та, двојно го зголемивте јавниот долг, со просечен раст економски на бруто-домашниот просек од 1,9 проценти“, вели Николче Јанкуловски.

„Морам да ви честитам, го оправдавте сѐ она што се движи во насока дека сме трета економија во Европа. И за ова ЕПП навистина ви посакувам секоја чест, затоа што во вашата програма никаде не слушнавме дека ќе бидеме трета економија во Европа. Еве сме“, вели Сања Лукаревска.

Опозицијата со обвинување дека буџетот е во лоша кондиција и земјата се задолжува за крпење буџетски дупки. Велат дека 77 проценти од буџетскиот дефицит е искористен, а се повикаа на изјавата на гувернерот Славески, дека дефицитот ќе достигне 6 проценти. Стравуваат дека следува уште едно задолжување од 350 милиони евра. Но и од тоа дека со вакво темпо на задолжувања, до 2030 година ќе треба да се вратат 2,74 милијарди евра само за камати.

„Самата министерка во својата објава на Фејсбук отвори ново прашање. А таа напиша од еврообврзницата од 700 милиони евра, половина е сервисирана, а половина треба да се сервисира во јуни. И затоа прашањето, дали владата подготвува нова должничка епизода од околу 350 милиони евра?“, вели Фатмир Битиќи.

„Дел од овие средства, од овие 260 милиони евра ќе се икористи за да се исплати стар долг од 350 милиони евра од еврообврзница издадена 2020-тата година. Ајде еден нека излезе од владиното мнозинство и нека ми каже кај се тие 700 милиони евра што оваа држава ги зела 2020-тата година?“, вели Бојан Стојановски.

Пратениците со 65 гласа за и 14 против го изгласаа задолжувањето од 260 милиони евра кај меѓународните банки.