Правда чека судот да одлучи за Рамадани – Свечља: Нема да дозволиме Србија да ни го отежнува слободното движење

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во оваа фаза од процедурата Министерството за правда нема надлежност за евентуалната екстрадиција во Србија на поранешниот припадник на Народноослободителната војска на Косово, Блерим Рамадани кој беше уапсен при влез во земјава. Ресорниот министер Игор Филков појаснува дека тие засега единствено добиле известување од полицијата дека Рамадани е уапсен, но чекаат да видат што понатаму ќе одлучи судот. Рамадани продолжува да биде во екстрадициски притвор, а судот ќе треба да пресече дали се исполнети условите за екстрадиција, по што предметот би завршил во Министерството за правда. Во меѓувреме, министерот Филков беше прашан зошто токму сега решил одново да побара од Приштина да ги испорача осудените во случајот „Монструм“, бидејќи потегот следува само неколку денови по барањето на Белград за екстрадиција на косовски државјанин од Македонија. Филков кусо одговори:

„Затоа што од некаде мораме да почнеме.“, вели Игор Филков.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, кој е во посета на земјава, вели дека не верува во поврзаност за барањата за екстрадиции во овие два случаја.

„Не можеме да ги поврземе овие два случаја. Во случајот што го споменавте, се работи за трета земја. Се работи за земја која претставува пречка за подобра регионална соработка меѓу земјите, а да не зборуваме за пречките и криминалните постапки што ги прават во односот кон Косово.“, вели Џељаљ Свечља.

Свечља, по средбата со министерот Панче Тошковски, од Скопје порача дека Македонија и Косово се две соседни и пријателски земји и се подготвени заедно да разговараат и да работат, меѓу останатото, и за случајот со Блерим Рамадани.

„Ние нема да дозволиме криминално барање на една трета земја, коешто нема законска основа ниту во меѓународното право, да го отежнува слободното движење на нашите државјани.“ вели Џељаљ Свечља.

Неодамна, српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ кажа дека Србија очекува од Македонија да го екстрадира Рамадани, но додаде дека тоа е сепак внатрешно прашање на земјава. Полицијата го уапси Рамадани на 18-ти месецов на граничниот премин Јажинце, по барање на српскиот Интерпол.