Правдата на чекање, обвинетите во бегство – од Груевски до Груби, како успеаја да и избегаат на државата?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од корупција до злоупотреба на власта, многу високи функционери во Македонија успеаја да ја избегнат правдата бегајќи од земјата. Никола Груевски, поранешниот премиер на Македонија, по напуштањето на функцијата се соочи со неколку обвиненија за корупција и злоупотреба на службената положба. Тој во 2018 година е осуден на две години затвор за купување на луксузно блиндирано возило од околу 600 илјади евра, злоупотребувајќи ја службената положба. Наместо да ја отслужи казната, Груевски во ноември 2018 година побегна во Унгарија, каде што побара и доби политички азил.

Груевски беше осуден во отсуство за неколку други случаи, но тој и натаму живее во Унгарија, бегајќи од правдата.

Поранешните службеници на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски и Никола Бошкоски и избегаа на правдата. 

Тие се главни обвинети во судскиот процес „Тврдина-Таргет“ на Обвинителството, кој е поврзан со нелегалното масовно прислушување за време на власта на ВМРО-ДПМНЕ. Тие побегнаа во Грција, а по се изгледа Министерството за правда нема механизам да ги врати од Грција.

Истиот пат го следеа поранешниот вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на Државна лотарија, Прпарим Бајрами.

Тие се обвинети за вмешаност во аферата „Државна лотарија“ каде се осомничени за проневера на околу 8,2 милиони евра. Груби беше прогласен за „нон грата“ и од Соединетите Американски Држави поради обвинувања за корупција.

Во моментов во бегство е и Васко Ковачески, поранешен директор на Електрани во Северна Македонија. Тој е обвинет за финансиски малверзации за време на неговата функција, вклучително и злоупотреби при набавка на гориво и перење пари. Ковачески е вклучен и во истрагата „Адитив“ каде е осомничен за прекршување на законот во управувањето со јавните средства. Во моментов тој е во бегство, а властите работат на негово пронаоѓање и апсење.

Се поставува прашањето: Како е можно лицата со тешки обвиненија  да ја напуштат државата непречено? Кој им помогна и дали постои вистинска политичка волја за борба против корупцијата? Одговорите на овие прашања уште ги чекаме, додека денеска на 31-ви март, Денот на правдата во Македонија уште еднаш слушаме од министерот за правда Игор Филков дека без независно судство правдата станува недостапна, а довербата на граѓаните е разнишана. Според него, судството мора да има капацитет да изгради ефикасен систем кој обезбедува правда за сите.