Празни места во редовите каде ќе треба да бидат имињата на министрите во техничката Влада од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Вака ќе изгледа листа на техничката Влада која ќе се најде на гласање пред пратениците што ќе значи дека министрите од ВМРО-ДПМНЕ нема да бидат изгласани. Ова го потврди и премиерот Димитар Ковачевски кој рече дека ако ВМРО-ДПМНЕ не гласа за техничката влада во која се и нивните министри тогаш тие места ќе останат празни а ќе бидат изгласани кога опозициската партија ќе одлучи да ја поддржи владата.
„Не постои пример политичка партија да земе учество во Влада а не гласа за Владата и затоа сметам дека ВМРО-ДПМНЕ согласно закон исто како и сите други политички партии кои се повикани да имаат министри во техничката Влада треба да ги даде своите кандидати и да гласа за таа Влада. Доколку ВМРО-ДПМНЕ реши да не гласа за таа Влада тогаш сметам дека тие места треба да останат празни, мандатарот да предложи Влада во кои што тие места ќе бидат упразнети и во моментот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе реши да ја поддржи Владата, тогаш наредниот ден ќе може мандатарот да предложи и во истиот ден да се изгласаат министрите кои што нив им следуваат“, вели Димитар Ковачевски.
Мицкоски постојано повторува дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да дадат поддршка за техничката влада на чие чело е Талат Џафери од ДУИ. Но за најавите дека местата на министрите на ВМРО-ДПМНЕ ќе останат празни и нема да бидат гласани од партијата ваквиот чекор го оценија како неевропски игранки и политикантски чекори.
„ВМРО-ДПМНЕ останува на истиот став, и имињата за министри и заменици, согласно законот ќе бидат предложени наредната недела. Останува на власта дали ќе одбере да го почитува законот, или истиот ќе го крши, што само ги открива и позадинските намери за загрозување на изборниот процес што е доказ за огромната доза на нервоза кај власта во заминување.
Правото не познава предлози за министри, “празно место” како што изјавува Ковачевски“, вели ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, Мицкоски деновиве изјави и дека нивните министрите кои ќе бидат дел од таа влада нема да присуствуваат на седниците, со што практично најавува и бојкот на Џафери како премиер на техничката влада.
„Не верувам дека министрите ќе седнат на иста седница, бидејќи таму има и заменици технички министри има помошници и така натаму, може на владина седница на присуствува било кој што е во рамките на таа вертикала. Не верувам дека техничките министри ќе му реферираат на Талат Џафери а доколку имаме итни ургентни ситуации се разбира, сепак Министерството за внатрешни работи се грижи за безбедност, тогаш се разбира нормално дека ќе има субординација во органите во државата“, порача Христијан Мицкоски
Ковачевски смета дека таквиот однос на ВМРО-ДПМНЕ е несериозен.
„Ако тој работните обврски ги сфаќа да не се присуствува на седници во кои што сте член јас тоа не можам да го коментирам. Од нивниот пристап во Собранието видовме дека тие беа дел од Собранието во последните 4 години во кое што единствено што правеа – блокираа, доаѓаа за да блокираат не доаѓаа за да работат а Владата е извршено тело во кое што тие што се членови на Влада мора да бидат ангажирани во текот на целиот ден за да може да ги сервисираат обврските кои што ги имаат“, вели Димитар Ковачевски.
Техничката влада треба да биде изгласана на 28 јануари, а како што претходно најави премиерот Ковачевски оставката треба да се случи во текот на идната недела.
