Верзијата на обработениот предлог-закон за високо образование, откако го помина и вториот филтер во електронскиот систем „ЕНЕР“, сè уште е во владина процедура, потврди првиот заменик-премиерот Беким Сали. Според него, направени се неколку измени за да биде попогоден за сите.
„Тој индекс, како што видовме реакции од многу професори, го отстранивме како основен критериум, но го оставивме како критериум врз основа на внатрешна конкуренција, кога ќе се избира ако има два или три кандидати, тогаш се зема предвид тој индекс, но да не биде основен критериум како што беше, на пример 5–7 што беше во првите верзии“, вели Беким Сали.
Ова заменик-премиерот го кажа на панел-дискусија организирана на Универзитетот „Мајка Тереза“ на тема „Институционална консолидација и законодавство за високото образование“.
Ректорот на универзитетот Беким Фетаи истакна дека ќе се отвори дискусија за важноста на статутите на универзитетите, нивното идно изготвување, како и за други прашања поврзани со законодавството на високото образование.
„Универзитетот „Мајка Тереза“, иако е нов универзитет, некако се потценува од другите универзитети или од Министерството за образование во однос на капацитетите, и сакав да се поврзам со тоа како ќе се врши рангирањето во иднина, бидејќи ние како универзитет со многу професори во повозрасна возраст кои дошле од други универзитети со големо искуство, поради ограничувања на буџетот немаме можност да ги исплатиме нивните трудови, што ќе биде еден од главните фактори со кои потоа ќе се рангира универзитетот“, вели Беким Фетаи.
Имаше забелешки и за недостаток на кадар и за ниските плати за оние што се ангажирани како надворешни соработници.
