Предупредувачки бојкот во неколку училишта – Царовска: Од бојкот нема корист, тргнете ги политичките интереси

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поради дигитализацијата на учебниците за учениците од четврто одделение, во знак на бојкот неколку родители не ги пуштија децата на училиште. Тие се револтирани бидејќи децата не добиле учебници во училиште. Ова следи по најавата за бојот на иницијативата “Учебници и настава мора да има“.

Еден од иницијаторите Фисник Рустеми рече дека ова е само предупредувачки бојкот организиран само денеска, бидејќи не сакаат да ги оштетуваат децата во наставниот процес.

„Ова е само еден бојкот, најава и колку ќе биде успешен немаме статистика но мислам дека бил делумно успешен, заради времето, бидејќи го организиравме многу брзо. Министерката треба да биде подготвена за помасовен бојкот и тука би ги замолил сите родителски совети во училиштата да се организираат и сами да одлучат. Ние сме иницијатори но за бојкот треба да одлучат советите на секое училиште и секој град како и регион“, рече Рустеми.

Министерката за образование Мила Царовска вели дека ниедно училиште не е затворено заради бојкотот и дека процентот на тие кои бојкотираат е многу мал.

Од оваа иницијатива најавуваат протести во среда со барање на учениците од четврто одделение да им бидат вратени учебниците. Царовска го повтори ставот дека процесот со новиот концепт се одвива одлично и дека наставниците се задоволни од текот на процесот.